1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нафатата – извор на војни

27 мај 2004

Прогнозите се: нафтата ќе биде се поскапа, а експлозијата на цените ги оптоварува конјунктурата и берзите. Виновни се војната во Ирак, стравот од тероризам и шпекулантите. Маслото за подмачкување на светскиот мотор на растежот не е при крај, но расте гладта по енергија. До толку поостра ќе биде битката за последните резерви.

https://p.dw.com/p/AeR9
Ирачката нафта повторно патува
Ирачката нафта повторно патуваФотографија: AP

Во малиот регион на американската сојузна држава Пенсилванија еден ден беше откриена нафта. Веднаш навалија трагачи по среќа, мангупи и бизнисмени кои даваа огромни пари за земја која дотогаш беше скоро безвредна, а скоро заспаното гнездо го претворија во место на бескрајни задоволства. “Може слободно да се тврди, пишуваше тогаш весникот “Нација“, дека во овој град се пие повеќе отколку во кој и да е друг град од таква големина во светот“. Меѓутоа, по една година изворот пресуши. Пијанството заврши, парите исчезнаа, а градот и од бога напуштен како по епидемија од чума. Тоа беше една скоро романтична епизода во историјата на најважната суровина на светот – во споредба со терористичките напади и борбите на концерните, герилските атентати и војните кои, пред се во најново време се водеа за и околу нафтениот бизнис од кој зависи сета индустрија во светот. Порано нафтата само индиректно служеше за водењето војни: ги покреваше тенковите, воените бродови и авиони. Меѓутоа, се почесто е предизвикувач на политичко насилство, економски битки за моќ и вооружени судири. Веќе не се војува само со нафта туку за неа. “Крвта на светот“ веќе не средство, туку стана цел на војните.

Но, што ќе се случи ако најважната суровина на Земјата еднаш исчезне? Можат ли да ја заменат други енергетски средства? И пред се: колку жестоко ќе војуваат државниците и сопствениците на концерни со нивните воени легиони за последните извори?

Во минатите недели цените стигнаа до досега непознати височини. Барел нафта - 159 литри – на њујоршката берза на моменти префрли 41 долар. Бензинските пумпи одвај можеа да го следат темпото за да ги коригираат цените – нагоре, секако. Повеќе од евро и 20 чинеше литар безоловен. Весниците за економија од “Вол стрит џорнал“ до “Фајненшел тајмс“ преупредуваа на непредвидливи последици за светот на економијата.

Кога Америка во Ирак ги брани западните слободи, суперсилата всушност војува и за тамошните нафтени извори. А, кога американскиот претседател Џорџ Буш во минатото лето патуваше низ Африка, и тогаш стануваше збор за сосема специјална развојна помош: експлоатација на африканските нафтени резерви. Во еден неодамнешен радио-говор Буш во врска со високите цени на нафтата побара проблемите да се решаваат пред се на домашниот енергетски пазар. Но:

“...Спенс Абрахам ќе се сретне со производителите на нафта од целиот свет на договор за акција што ќе им помгне на САД и на глобалната економија. Исто така, ги променивме федералните правила за да дозволиме нопходен пораст и експанзија на националните нафтени рафинерии за колку што е можно повеќе бензин веднаш да се појави на пазарот“.

Неговиот противник во претседателската трка, демократот Џон Кери пак, пледираше САД кога станува збор за енергијата да станат независни од Средниот исток:

“Силна Америка почнува од дома со енергетска независност од Средниот исток. Треба да обезбедиме ниту еден млад Американец никогаш да не војува и да гине за нашата зависност од странска нафта. Тоа е големиот проект на нашата генерација“.

Кога рускиот претседател Владимир Путин го фрла в затвор нафтениот магнат Михаил Кодорковски, тоа не го прави затоа што менаџерот станал опасен за него. Путин не сака енергетските резерви на неговата земја да бидат доминирани и контролирани од приватни западни компании. Русија во меѓувреме произведува дневно повеќе и од досега доминирачката Саудиска Арабија: девет милиони барели дневно. Никој не црпи повеќе од Русија, а количеството треба и натаму да расте – годинава за околу 10 насто. Руската нафта ќе станува се поважна за светот. Индустриските земји скаат да бидат независни од Блискиот и средниот исток. Британскиот експерт Мајкл Колисон ја нарекува Русија “Бензинска пумпа на светот“:

“Русија се проценува за сигурна. Нема ризик дека ќе падне владата. Ниту тероризам нема во размери како на средниот исток. Затоа во секое време индустриските држави можат да се снабдуваат со нафта, за разлика од средниот исток каде што тероризмот е голема опасност“.

Уште поранешниот американски министер за надворешни работи Хенри Кисинџер велеше:“Нафтата е премногу важна за да им се препушти на Арапите“.Од таквата недоверба руските нафтени фирми профитираат повеќе од кога и да е.

Германскиот експерт за енергија Франк Умбах, на прашањето дали индустриските земји предолго се потпираа врз нафтата од Средниот исток вели:

“Ситуацијата не е нова. Имавме многу слична ситуација во 1973 година кога западните влади иницираа цела низа економски и политички стратегии за да ја намалат таа зависност. Дел од тие одговори во меѓувреме се заборавени и се беше препуштено на пазараните сили. Притоа беа исклучени пред се политичките фактори, имено дека околу 90 насто од нафтените резерви се наоѓаат во исламските земји и дека Персискиот залив - не само Ирак - е регион на политичка нестабилност чија несигурност само уште повеќе може да расте“.

Саудиска Арабија која покрај сигурните лиферанти за САД, Канада и Мексико, е најважниот снабудвач за Вашингтон дава се повеќе причини за длабока недоверба: заплашена од исламистите и очигледно во пакт со нив, саудиската кралска куќа најдоцна по терористичките напади од 11 септември им припаѓа на несигурните кантонисти во оркестарот на светската политика. Од 19-те атентатори, 15 имаа саудиски пасош. Валадата во Ријад со месеци по нападот ја бликораше соработката со Американците. Во Вашингтон се повеќе на поддршка наидуваат и крајни средства. “Во краен случај ние треба да размислиме да ги окупираме саудиските нафтени полиња“, изјавил советникот во Пентагон Лорен Муравиец. Оттогаш американски емисари повеќе патуваат во Русија, Азербејџан, Казахстан и Ангола.Сите потенцијално важни резервни играчи во “Големата игра“ со ресурси. Посебен објект на опсервација стана Ирак, држава со третите по големина нафтени резреви. Кенет Полак, влијателен екс-ЦИА стратег пишува:

“Ненадејната загуба на саудиската нафтена мрежа ќе го парализира светското стопанство и ќе води веројатно најмалку до слично голема депресија како онаа во 1930 година. САД имаат витални интереси да го гарантираат снабдувањето со енергија и да спречат можен притисок од непријателите во Персискиот залив. Само идиотите не сфаќаат за што вистина станува збор во светската политика:“За нафта, глупаку“!

Во меѓувреме, побарувачката за нафта вртоглаво расте. Пред се државите како Кина или Индија од пазарите за суровини смукаат нафта, но исто така и кокс и јаглен. Меѓународната енергетска агенција во Париз скоро ја коригираше својата прогноза – нагоре! Според неа, во оваа година ќе бдиат потребни 80,6 милиони барели нафта дневно, 2 милиона повеќе од лани. А, се уште добри 4 милијарди луѓе немаат автомобил. Кина во меѓувреме стана економска супер-сила и вториот најголем консумент на суровини по САД. Кинеските граѓани се жедни да ги исполнат досега недофатливите сништа: модерни автомобили, големи станови со клима уреди. За тоа им се потребни непојмиливи количества енергија. Потребите од сурова нафта само за првиот квартал од ова година пораснаа за 18 насто што пак на светско ниво е се уште малку: еден Американец просечно годишно троши 26 буриња нафта, а еден Кинез се задоволува со 1,8. На еден Индус му е потребно нецело буре – засега. Нема сомневање: глобалната потреба ќе расте од сегашните 29 милијарди барели нафта годишно до проценети 42 милијарди во 2020 година. Прашање е само дали на понудувачите на нафта ќе им успее да црпат нови количества и да стават на располагање доволно сурова нафта? Сигурно е само дека човештвото во изминатите 150 години исцрпе и потроши 950 милијарди барели нафта. Спорно е дали вистина во земјата има уште илјада и 200 милијарди или помалку.