1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Натпартиска година или нова година на стари поделби

Тони Поповски
1 јануари 2022

Секој од нас треба да придонесе за конструктивен дијалог и постигнување на колку е можно поширок консензус за стратешкиот пат на државата. Пишува Тони Поповски

https://p.dw.com/p/44zvw
Nord-Mazedonien Skopje | Coronakrise
Фотографија: Nake Batev/AA/picture alliance

Ви посакувам секое добро во новата 2022 година!

Барем за  момент може заедно да се осврнеме на изминатата година, но за колективното, а особено заедничкото ментално здравје, сметам дека е подобро да погледнеме напред.

Бидејќи сум непоправливо „наивен“ оптимист и идеалист, посакувам оваа година да биде натпартиска, и да ја поминеме колку е можно пообединети во адресирање на низа сложени предизвици. Политичарите треба да подзаборават на пресметките и да се обединат во барање на излезни решенија од повеќекратната криза. Подобро е порано отколку предоцна да разбереме дека  внатрешната поларизација  критично нѐ слабее во момент кога треба да сме најсилни. Настрана и сѐ поголемата недоверливост кон нас поради внатрешниот судир на стратешки концепти, и тоа од страна на наши традиционални развојни партнери, покрај „злонамерните“ во нашето опкружувањето. Оттаму и потребата но и одговорноста, секој да придонесе за конструктивен дијалог и постигнување на колку е можно поширок консензус за стратешкиот пат на државата.

Накусо кажано, посакувам 2022 да биде година на помирување на остро спротивставените „политички народи“ во Републиката.

Имаме перспектива и покрај настојчивата бугарска блокада

Симнувањето на бугарската блокада беше и останува неизвесно, но извесно е дека мора да исчекориме со ефективни мерки за адресирање на здравствените и социо-економски последици од  пандемијата како и од  енергетската криза.  Имаме ресурси на располагање кои не се за потценување. Притоа, мора да изградиме поотпорно општество и институции, на сите облици на закана, особено имајќи го предвид искуството од претходната година.

Други колумни од авторот: Божиќно писмо до разумните од двете страни

Идеална рамка во која може и треба да се случи помирување на „партиските - политички“ народи, е подготовката на Националниот развоен план за наредните две декади. Процесот е поддржан од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Обединетото Кралство, и се води на инклузивен и партиски неутрален начин. Пожелно е планот да го донесе Собранието, а врз основа на претходно подготвен и донесен специјален закон. Со овој закон може да се уреди хиерархиската поставеност на сите развојни планови и потребата од хармонизирање на интегралните и поединечните секторски политики. Во начело, на Националниот развоен план треба да пристапиме како на заедничка, натпартиска и надетничка, а со тоа и клучна развојна политика. Постигнат  консензус за стратешките правци на Републиката најдиректно ќе нѐ легитимира како држава со висок степен на политичка култура и како вистинска демократија, а следствено и како стабилен и предвидлив партнер на регионот и на Европската унија. 

Развојниот план може веднаш да започне да се спроведува бидејќи сериозни средства се веќе достапни преку Инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан.  Поради тешките околности во кои се наоѓаме, немаме друг избор отколку да сториме сѐ што е неопходно за ефикасно апсорбирање на овие средства. Целиот стручен човечки капацитет во Републиката, во и надвор од институциите,  мора да се стави во функција на спроведување на проектите каде сме корисник.  Покрај овие јавни инвестиции, постои сериозен интерес за инвестирање и од страна на приватниот сектор, а неколку крупни проекти поврзани со искористување на обновливите извори на енергија се веќе започнати. Проценките се дека имаме на располагање минимум 800 милиони евра за  капитални инвестиции,  и тоа за секоја година во период од една декада, но и дека треба да се надминеме себеси, имајќи предвид дека просечната реализација ни се движи нешто над 500 милиони евра, годишно. Ова е крупен предизвик и можеби најпрактично е да се адресира низ далеку поблиска соработка со меѓународните финансиски организации како Светската Банка, ЕБРД и други, кои се најкомпетенти  за олеснување на водењето на инвестициските циклуси.

Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Тони ПоповскиФотографија: privat

Притоа не смееме да изумиме, дека Инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан е со „зелен“ предзнак и примарно цели кон постпандемиска зелена обнова и создавање на нови зелени пазарни сегменти и работни места. Тесно грло за спроведување на овие проекти е некомплетната законска рамка кај нас, а првенствено недонесените закони за индустриски емисии и за енергетска ефикасност. Колку е можно поскоро треба да се донесат и Стратегијата и Законот за клима. Аспекти на кои треба да се обрне особено внимание се просторното и  урбанистичкото планирање  како и управувањето со земјиштето, бидејќи се работи за споделен делокруг на надлежност на државата со општините. Токму во овие области подолг период се случува жестока дебата во јавноста. Во контекстот на последново, нужни се итни дополнувања во Законот за природа, а со цел експлицитно да се наведат специфични ограничувања за економски и инфраструктурни активности кои имаат директно влијание на природата во заштитените подрачја.

Година во која покрај стратешкиот треба да го усогласиме и сопствениот морален компас

2022 година треба да биде прогласена за „Година на борба против  корупцијата“.

Неопходна ни е компетентна и чесна јавна служба и итно враќање на довербата во институциите.  Зголемен квалитет и целосен опфат на населението со јавните услуги, со елиминирана корупција, клиентелизам и кронизам, е од примарен национален интерес. Само низ доследна департизација на јавниот сектор но и на судската власт, ќе превенираме заробување на државата. Односот кон овој предизвик го обликува нашиот демократски портрет во регионот и во ЕУ. Негова клучна карактерна и морална црта е како сите други релевантни институции но и партиите се поставени кон иницијативите на ДКСК. Најбрз пат до неспорни резултати, бидејќи поаѓаме од минус, е да воспоставиме целосно деполитизирано, професионално Национално биро за истраги, по моделот на ФБИ во САД, и тоа колку е можно поскоро и на начин што во ова Биро ќе бидат префрлени постоечки професионални кадри од МВР , Јавното обвинителство, Финансиската полиција и други релевантни институции, и притоа ќе се избегнат фискални импликации. Ова би бил решителен, силен, видлив, гласен и јасен чекор кон промена на парадигмата и пристапот.

Други колумни од авторот: Со биатлон против Омикрон

И за крај, а по однос на  блокираниот пат кон ЕУ,  само ние можеме да одлучиме да го прекинеме тоа патување  или да скршнеме од патот. Јас лично не би им го овозможил тоа задоволство на сите оние кои подолго време посакуваат да нѐ видат на поинаков пат, насочен кон бездна. Доколку го спроведеме погоре кажаното, ние суштински ќе се приближиме до Унијата, за да може да пристапиме во момент кога ЕУ ќе биде подготвена достоинствено да нѐ прифати, без идентитетски и други резерви кон нас.