1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО ќе ја надгледува територијата на Либија

8 март 2011

Либискиот лидер Моамер ел Гадафи се обидува со воени средства да воспостави контрола врз седиштата на опозицијата. Меѓународната заедница и натаму ја разгледува можноста за воведување зона за забрана на летови.

https://p.dw.com/p/10V4B
Фотографија: AP

НАТО одлучи да извршува деноноќно надгледување на територијата на Либија преку електронските системи за следење, вклучувајќи и авиони од типот АВАКС, потврдија претставници на Алијансата. Генералниот секретар Андерс Фог Расмусен уште еднаш повтори дека Алијансата нема намера да интервенира во ситуацијата во Либија без мандат од ОН.

NO FLASH Libyen Tripolis Pro Gaddafi Anhänger
Фотографија: AP

Британија и Франција притискаат во Советот за безбедност на ОН да се воведе забрана на летање над Либија. На тој начин би се оневозможиле нападите на авијацијата на Гадафи врз бунтовниците во земјата.

Американскиот претседател Барак Обама претходно во понеделникот изјави дека во НАТО се разгледуваат различни опции за преземање на најдобриот одговор на настаните во Либија. Белата куќа соопшти дека вооружувањето на противниците на либискиот лидер Моамер Гадафи е една од опциите, но дека во овој момент е „прерано“ за таков вид на акција.

Борбите во текот на ноќта продолжија во повеќе градови. Западните медиуми тврдат дека бунтовниците успеале да ги одбијат нападите на армијата во градовите Мисрата и Завија кои се наоѓаат во близина на Триполи. На истокот, лојалистите на Гадафи извршиле воздушни напади врз градовите Рас Лануф и Брега кои се клучни за производството на нафта во земјата.

UN-Sicherheitsrat berät über Sanktionen gegen Libyen
Совет за безбедност на ОНФотографија: AP

Според меѓународните организации, во судирите на лојалистите на Гадафи и странски платеници со бунтовниците во кои се употребува и артилеријата и авијацијата, досега се загинати повеќе од шест илјади луѓе. ОН сметаат дека на најмалку еден милион луѓе во земјата им е потребна итна помош.

Сателитската телевизија Ал Џазира јави дека либискиот лидер Моамер Гадафи им предложил на либиските бунтовници средба во парламентот на која ќе се разгледува негово евентуално напуштање на власта со одредени гаранции, но тие го одбиле предлогот. Гадафи наводно барал гаранции за лична безбедност за себе и за неговото семејство.

Еден од синовите на либискиот лидер во интервју за арапските телевизии изјави дека на земјата и се заканува граѓанска војна од катастрофални размери доколку бунтовниците не го положат оружјето и не отпочнат преговори. Тој тврди дека неговиот татко не ја ангажира армијата во нејзиниот полн капацитет за да се избегне поголемо крвопролевање.

Автор: БГ/ AT/ ројтерс/ макфакс

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема