NATO Gipfel Ergebnisse
5 април 2009НАТО сега има 60 години. Кај луѓето тоа е старост на која обично човек се подготвува за пензија. Но, НАТО не мисли така, напротив. Штотуку се примени две нови членки, други радо би пристапиле, но се‘ уште не можат. А Франција по повеќе од 40 години отсуство се врати во воената структура.
Сево ова зборува за трајна актрактивност на НАТО, но не и за неговото значење денес. Повеќе ја нема заканата од Варшавскиот пакт, но се‘ уште НАТО со својата основна структура отсликува многу од старите времиња.
Заканата од исток не постои
Извесно време изгледаше дека заканата од исток се враќа преку самосвесна Русија, но тоа го затскрива фактот што НАТО-земјите и Русија имаат многу заеднички интереси. Американскиот претседател Барак Обама извлече консеквенци од тоа и сака да и‘ пријде на Русија, поради тоа испрати и повик за атомско разоружување.
Кога веќе го нема стариот непријател, која е иднината и суштината на НАТО? Американците сакаат да ја изградат Алијансата во голема безбедносна служба во поглед на задачите.
Заштита од катастрофи, борба против пиратите, обезбедување на нафтоводите, мерки за запазување на мирот, воени мисии, понекогаш заедно со Јапонија, понекогаш со Индија, па со Австралија, дури можеби и со Кина.
Глобален играч?
Германската канцеларка Ангела Меркел пред самитот кратко и јасно рече: „Не гледам глобален НАТО.“ Таа сака да ја зачува суштинската задача на НАТО во територијалната одбрана. Но, тоа не е никаква противречност. Никој не сака да се откаже од колективната самоодбрана.
И Меркел рече дека во моментов Авганистан е најголемиот практичен тест за НАТО. Но, кога веќе само мисијата во Авганистан врзува речиси 100 илјади војници на НАТО, како да се биде активен во другите делови од светот, кои се исто жаришта, без НАТО да биде целосно преоптоварен?
Старата удобност на мал ексклузивен клуб веќе и така ја нема. НАТО уште денес е нехомоген, се бори со внатрешни конфликти и различни култури. Но, новопоставена задача може да ја дисциплинира и проширената Алијанса. НАТО крајно нема друг избор. Оној кој сака да остане релевантен и во иднина, мора да се отвори за нови задачи и нови констелации.