1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Насилства во Дамаск

Јерг Камински5 февруари 2006

Огорченоста и бесот во исламските земји поради карикатурите на Мухамед, се повеќе се преточуваат во насилство. Во сирискиот главен град, Дамаск, стотици демонстранти ги запалија данската и норвешката амбасада.

https://p.dw.com/p/Ac9D
Од насилничките демонстрации
Од насилничките демонстрацииФотографија: AP

Неколку илјади демонстранти ја нападнаа и ја запалија данската амбасада во Дамаск. Искршени се и прозороите на многу оштетената зграда, а бироата се ограбени. Данскиот амбасадор се наоѓа во зградата која за свои престатвништва ја користат и Чиле и Шведска.

Дел од демонстрантите потоа отидоа до неколку километри оддалечената амбасада на Норвешка, фрлаа со камења и запалија оган. Во моментите кога сакаа да влезат и во оваа зграда, беа спречени од страна на тешко вооружените припадници на полицијата. Таа ги истера демонстрантите со солзавец.

Противпожарните единици одвај се пробија до запалените згради, затоа што беа спречувани од толпата која протестираше. Пред нападите меѓу луѓето се вртеле СМС пораки со содржина дека наводно во Копенхаген вчера имало планирани демонстрации на кои требало да бидат запалени книги на куранот. Авторите на ваквите пораки со неточна содржина од сите Сиријци бараат собирање пред данската амбасада за да протестираат против најновиот акт на омаловажување на господ. Слични СМС пораки во текот на неделава се вртеа и во Египет.

Нападите во Сирија се последни во редицата насилнички протести против Данците и Европејците во арапските и муслиманските земји. Во Газа, Палестинци ја нападнаа зградата на германското биро за врски, ги искршија вратите и прозорците и го запалија германското знаме. Нападнато беше и бирото на ЕУ. И во Јордан протестите се жестоки. Супермаркетите даваат огласи во весници и соопштуваат дека веќе нема да продаваат дански производи. Дел од арапските земји, како на пример Саудиска Арабија, ги отповикаа своите амбасадори од Копенхаген. Иранскиот претседател, Махмуд Ахмадинеџад нареди преиспитување на сите трговски односи со сите земји вмешани во судирот околу карикатурите.