Напаѓачот од Детроит вели дека е невин
9 јануари 201023-годишниот Умар Фарук Абдулмуталаб, беше донесен во судницата со железни окови на нозете и одговараше на прашањата на судијата. Неговото прво појавување пред судот траеше помалку од три минути. Умар Фарук Абдулмуталаб пред судијата изјави дека ги разбира обвиненијата за кои се товари. Портпарол на судот изјави дека младиот Нигериец не покажал видливи емоции за време на читањето на обвинението. Во судската сала каде беше изведен Абдулмуталаб владееја највисоки мерки на безбедност. Обвинителниот акт содржи шест точки, меѓу нив обид за убиство и обид за употреба на оружје за масовно уништување. Нему му се заканува казна доживотен затвор. Но, до почетокот на процесот може да поминат месеци. Во поголемите правни процеси претходно се врши цела редица судски сослушувања пред конечно да почне главниот процес. Стручњаците сепак предвидуваат дека во случајот на Нигериецот нема да трае толку долго, со оглед на тоа што доказната постапка е јасна, Абдулмуталаб беше фатен при извршувањето на делото за кое е обвинет.
Обама призна соодговорност за безбедносните пропусти
Абдулмуталаб на 25 декември 2009 година се обиде да активира експлозив при слетувањето на патнички авион во Детроит, при што се здоби со тешки изгореници. Во авионот имаше околу 300 патници, од кои некои го спречија атентаторот во намерата. Американскиот претседател Барак Обама го критикуваше обидот за атентат како најтешко потфрлање на тајните служби, а самиот презеде соодговорност за пропустите во безбедносниот систем.
Автор: ЖА/СН/дв/ртре
Редактор: Симе Недевски