Над дваесет напади во Ирак во рок од дваесет и четири часа
9 септември 2012При нов бран насилство во Ирак најмалку 53 лица го загубија животот. Властите регистрирале повеќе од 20 напади. Најтешкиот напад се случи во близина на Амара, каде експлодираа две автомобил бомби на пазар во близина на шиитски споменик. Според лекарите загинале најмалку 16 лица, а повеќе од 60 биле повредени.
Во инцидентот, што се случил во градот Дуџаил, на 50 километри од Багдад, вооружени напаѓачи и атентатор самоубиец со автомобил нападнаа воена база и убија 11 војници. Во Насирија експлодираа две автомобил-бомби, а едната од нив пред францускиот конзулат. Полицијата информира дека во градот има тројца загинати.
Уште четиринаесет лица загинаа во напад со автомобил бомба во главната канцеларија на државната нафтена компанија „Норт оил“, во близина на градот Киркук, во северниот дел на Ирак. Автомобил наполнет со експлозиви утринава експлодирал на паркинг пред зградата на компанијата, на 15 километри од Киркук. Загинатите биле сунити, кандидати за работа во службата за обезбедување на компанијата. Освен убиените, во експлозијата биле ранети 17 лица.
Компанијата „Норт оил“ експлоатира нафтовод, што го поврзува Киркук со пристаништето Џејхан во Турција. Контролата врз богатиот со нафта регион на Киркук е причина за споровите меѓу владата во Багдад и автономниот регион Курдистан.
Денешните напади во регионот на Киркук веројатно се реакција на серијата напади од петокот, кога осум лица загинаа и над 70 беа ранети во нападите врз шиитски џамии, посочуваат американските медиуми.
Бомбашки напади имаше и во градовите Самара, Басра и Туз Хурмато, пренесоа агенциите.
Засега никој не ја презеде одговорноста за ниту еден од нападите од последните 24 часа.