1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Надоместокот за породилно отсуство ги дискриминира жените

Катерина Блажевска4 ноември 2014

Ако фирмите бидат обрзани да го плаќаат надоместокот за породилно отсуство, жените во репродуктивниот период ќе бидат дискриминирани, предупредуваат и работодавачите и организации за заштита од дискриминација.

https://p.dw.com/p/1DgQ9
Фотографија: picture-alliance/dpa

На бројни критики и реакции наиде предлогот, според кој, исплатата на надоместокот за породилно отсуство треба да ја вршат работодавачите, а потоа да бараат поврат на парите од Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ). Од ФЗОМ велат дека идејата е да се намали чекањето на првата исплата кое трае два до три месеци од раѓањето на детето.

„Родилките ќе ги добиваат надоместоците во исто време кога и нивните колеги ќе ја добиваат платата, а потоа ние ќе им префрлиме на фирмите толку пари колку што им префрлиле на родилките. Ова е се‘ уште идеја и разработени се три можни решенија, кои допрва треба да ги дадеме на одобрување во Владата. За големите фирми, кои имаат многу вработени и голем обрт на средства, тоа да биде задолжително, а за помалите, во кои има помал обрт на средства, да изберат дали ќе го прифатат овој модел или ќе останат по старо“, објаснија од Фондот.

За да се реализира овој предлог, ќе треба да се сменат законите за здравствено осигурување и за придонеси од задолжително социјално осигурување. Ако Владата го прифати предлогот, тој би можел да почне да се применува од 2016 година.

Во репродуктивен период

Она што најмногу загрижува е податокот дека во Република Македонија најголем број невработени жени се на возраст од 25 до 34 години, а токму таа возраст се совпаѓа со нивниот репродуктивен период. Од тие причини вознемирени се потенцијалните мајки и жени кои се‘ уште немаат прво дете, ниту пак стигнале до прво вработување. Гласот го кренаа и организациите за заштита од дискриминација, но најмногу работодавачите. Сите се едногласни во ставот дека ако се примени овој предлог, тој ќе предизвика сериозни негативни последици врз жените родилки и идните мајки: ќе ја загрози положбата на жените, ќе форсира нивна нееднаквост, исклучување од пазарот на труд и зголемување на несигурноста на работните места на жените. Правните експерти посочуваат дека предлогот е спротивен и на Конвенцијата за мајчинство (183), чиј потписник е и Македонија. Според Конвенцијата, откако ќе се утврди правото за надоместот поради бременост и раѓање, тоа не смее да биде ограничувано со дополнителни услови.

Mazedonien Land und Leute junge Familie im Park
Мора да се најде начин како ФЗОМ навреме да го исплаќа надоместокот за породилно отсуство, вели Даниела Димитриевска од „Македонското женско лоби“Фотографија: Petr Stojanovski

Даниела Димитриевска од „Македонското женско лоби“ вели дека организацијата се‘ уште не расправала за оваа предлог мерка, но лично смета дека работодавачите бегаат од ситуации кога треба да чекаат поврат на средства од државата.

„Мора да се најде начин како ФЗОМ навреме да го исплаќа надоместокот за породилно отсуство. Ние како организација сме дел од интерресорската група која е поканета на средба во ФЗОМ, каде ќе се добијат објаснувања за предностите на предложената мерка, па потоа ќе можеме да оцениме дали тоа води кон подобрување на состојбите. Во различни земји различно е регулирано ова прашање. Некаде надоместокот го исплаќа исклучиво фондот, некаде е комбиниран модел - едниот дел го исплаќа фондот, а другиот дел работодавачот, а некаде исклучиво работодавачот, како на пример, во Швајцарија и Германија. Во другите земји од ЕУ доминира моделот на фондовско исплаќање“, вели Димитриевска.

Нееднакви можности

Она што создава забуна е објаснувањето од ФЗОМ дека целта на предлогот е побрза исплата на породилните отсуства. Но, од друга страна, во сите негови извештаи како главно постигнување е наведено дека породилните отсуства редовно се исплаќаат. Тоа отвора прашања за „вистинските мотиви“ на предложената мерка. Истата дилема ги става на „породилни маки“ и работодавачите.

Миле Бошков, извршен претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, вели дека нивните членки се против ваквата предлог мерка.

„Предлогот не е добредојден кај работодавачите. Тие реагираат, бидејќи преку исплата на социјалните придонеси редовно плаќаат средства во ФЗОМ. Заради тоа, не веруваат дека нема средства за навремена исплата на надоместокот за породилно отсуство. Второ, ако мерката се примени, стравуваат дека таа може да произведе многу последици. Имено, при вработувањата, може да се поставуваат дополнителни услови кои ќе им даваат предност исклучиво на мажите или ќе се поставуваат прашања кои водат кон дискриминаторски однос кон жените - во смисла дали има оформено семејство, дали планира проширување на семејството, колку деца планира и така натаму. Во Македонија законите не ги дискриминираат граѓаните врз основа на пол, но оваа мерка би мотивирала дискриминација токму во таа насока“, предупредува Бошков.

Baby am Arbeitsplatz
Предлогот не е добредојден кај работодавачитеФотографија: picture-alliance/dpa

Со оглед дека во Законот за работни односи нема посебна заштита за бремените жени вработени на определено време, се стравува дека ваквата мерка ќе придонесе кон непродолжување на договорите за вработување на бремените жени склучени на определено време. Поради сето ова, во јавноста доминира ставот дека предложеното решение не само што нема да овозможи еднаков третман и навремено исплаќање на надоместокот за породилно отсуство, туку ќе ја поддржува негативната практика на невработување на жени во репродуктивен период.

А колку ќе чекаат работавачите?

Поради опасноста од такви тенденции, Мрежата за заштита од дискриминација побара ФЗОМ да го повлече предлогот исплатата на породилното боледување да ја врши фирмата, а да преземе други мерки преку кои на жените ќе им го обезбеди правото на надомест без досегашните доцнења. Доколку предложените мерки од овој проект треба да бидат вклучени во колективните договори, Мрежата бара синдикатите и работодавачите да не дозволат таква промена.

„Разлики меѓу жените и мажите постојат и во однос на регулираниот работен однос, односно бројот на формално вработени мажи е поголем од бројот на формално вработени жени, а учеството на вработени жени во приватниот сектор е помал во однос на мажите. Доколку ФЗОМ истакнува дека го исплаќа надоместокот за породилно отсуство со задоцнување од два - три месеца, тогаш зошто работодавачите би верувале дека Фондот нив навремено ќе им го рефундира платениот надоместок? За рефундирање на вака платените средства, работодавачот ќе треба да поднесе и барање за рефундирање, што само по себе ќе подразбира обременување на постапката за поврат на средства на работодавачот“, смета Мрежата за заштита од дискриминација.

Mazedonien Land und Leute
Според податоците на Фондот за здравство, минатата година биле исплатени речиси 28 милиони евра за надоместок за породилно отсуствоФотографија: DW

Според податоците на Фондот за здравство, минатата година биле исплатени речиси 28 милиони евра за надоместок за породилно отсуство. Она што се знае е дека околу 8 илјади жени минатата година биле на породилно отсуство. Но, не се знае колку од нив по завршувањето на породилното отсуство го задржале работното место.