1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мушараф се врати од егзил

АТ/ дпа24 март 2013

Еднаш беше протеран од функцијата, сега повторно сака да излезе на избори во Пакистан. Поранешниот властодржец Первез Мушараф се врати од егзил во неговата татковина - и покрај заканите од талибанците.

https://p.dw.com/p/183Ml
Фотографија: Getty Images

Седум недели пред парламентарните избори во Пакистан поранешниот властодржец Первез Мушараф се врати од егзил. Екс претседателот денеска (24.03) пристигна во Карачи од Дубаи. „Денеска се враќам во Пакистан за да помогнам повторно да го освоиме нашето место во историјата како богата, умерена и напредна исламска држава“, се вели на Фејсбук-профилот на Мушараф и преку неговиот профил на Твитер.

Пакистанските талибанци меѓутоа се заканија преку видеопораки дека со самоубиствени атентати „ќе го испратат Мушараф во пеколот“. Екс претседателот сака да учествува на парламентарните избори на 11. мај.

По повеќедневни натегања меѓу владата и опозицијата Изборната комисија на атомската сила Пакистан денеска го именуваше Мир Хазар Хосо за преоден премиер. Тој сега треба да подготви слободни и фер избори.

Изминатиот петок суд во Карачи го замени налогот за апсење за Мушараф со парична кауција, така што не му се заканува апсење. Против Мушараф, меѓу другото, се води и истрага за евентуална поврзаност со убиството на поранешната премиерка на Пакистан Беназир Буто во 2007 година.

Мушараф дојде на власт во 1999 година. По смртта на Буто, нејзината Народна партија и‘ нанесе тежок изборен пораз на партијата на Мушараф во февруари 2008 година. Во август истата година Мушараф поднесе оставка како претседател и со тоа спречи постапка за негово отповикување. По неговото повлекување Мушараф живееше во егзил во Лондон и во Дубаи речиси четири години.

Доколку парламентарните избори во мај се одржат според планираното, тоа би бил првиот премин од една кон друга демократски избрана влада во историјата на Пакистан. Од независноста во 1947 година половина во времето власта во Пакистан беше во рацете на војската.