1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Муслиманите засилено инвестираат за време на Рамазан

25 август 2010

Во деновите на рамазанскиот пост муслиманите значително поинтензивно инвестираат на берзите -курсeвите на берзите во муслиманските земји бележат скок во просек од 38 отсто, покажува најновата студија на група економисти.

https://p.dw.com/p/Oubd
Берзата во ТехеранФотографија: DW

Рамазан - време на постење, на свртување кон себе си ... и време на големи бизниси?

Арапските известувачи од берзите имаат причини за задоволство - индексот на акции на берзите од Алжир до Катар е во пораст, брокерите и шпекулантите остваруваат добивка. За време на Рамазан курсовите во просек бележат пораст од 38,09 проценти, деветпати повеќе отколку во другите месеци од муслиманскиот календар - ова е клучниот податок што го донесе анализата под наслов „Побожност и профит“.

Значи, и во неделите до кај 10. септември треба да очекуваме берзански бум? Не, вели Асад Деси, главен менаџер на една брокерска фирма од Јордан, една од 14 земји со исламски белег, кои без земени предвид во студијата на трите универзитети. „Постењето во Јордан влијае врз нервите на луѓето и врз подготвеноста да се донесуваат решенија, па тие претпочитаат да не тргуваат на берзата за време на Рамазан. Трговијата со акции опаѓа, а како последица на тоа опаѓаат и курсовите“.

Студијата за развојот на ситуацијата на берзите беше правена помеѓу 1989 и 2007 година, значи пред кризата. Дали е ова можеби последица на светската финансиска криза?

Берзите паѓаа, инвестициите во подем

„Вообичаено на Рамазан секогаш опаѓа обемот на зделките - тоа е така веќе дваесет години, а не од пред две години“, објаснува Деси.

Marokko Ramadan
По молитвата... правец берза!Фотографија: AP

Јорданската берза во неделите на постот секоја година паѓа за пет до десет проценти. Но, тоа е поволно време за инвеститорите, кои парите ги вложуваат на долг рок. „За Рамазан претпочитам да сум дома, ама не можам. Морам да дојдам“, вели Деси.

Токму таквото расположение, според авторите на студијата, наведува на брзи зделки. Месецот на пост кај муслиманите предизвикува чувство на солидарност и го крева нивното задоволство од животот. Тоа задоволство може да води до поголема волја за влегување во ризик. Научниците укажуваат и на медицински студии според кои верниците со гладувањето стануваат поопуштени и посмели. Брокерот Асад Деси вели дека му се познати такви игри на ризик од некои од земјите во Заливот, богати со нафта, таму видел како за време на Рамазан шпекуланти прокоцкале пари - и тоа навистина почесто, отколку во другите месеци. Кога е Јордан во прашање, тој не може да ги потврди статистиките применети во меѓународната студија. Но, статистиките ионака секој што ги чита, поинаку ги сфаќа.

Автор: Бјорн Блашке/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска