1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мурси и судиите ќе бараат излез

Елизабета Милошевска Фиданоска/дв26 ноември 2012

Египетскиот претседател Мохамед Мурси, во обид да се смири состојбата во земјата, ги покани на разговор претставниците на највисокиот Судски совет во Египет.

https://p.dw.com/p/16phi
Фотографија: AP

На средбата со судиите египетскиот претседател Мохамед Мурси ќе бара начини за излез од кризата во земјата. Највисокиот Судски совет, кој се спротивстави на декретите на Мурси со кои се проширува моќта на претседателот, веќе сигнализираше подготвеност за разговор. Судиите му префрлаат на Мурси дека сака да ја поткопа независноста на правосудството. Здружението на судиите соопшти дека правниците ќе почнат повторно со работа кога Мурси ќе ја повлече Уставната изјава.

Претседателот пак, од своја страна, поради протестите во Египет кои не престануваат, вчеравечер (25.11) даде уверување дека декретите ќе бидат важечки само привремено. Во соопштение тој ја формулираше желбата за дијалог со сите политички сили. Претседателот очигледно поради жестоките реакции за неговите декрети е несигурен. Тој според државните медиуми во рок од 24 часа два пати ги викнал на разговор своите советници.

Во четвртокот (22.11) Мурси ги прошири своите овластувања со декрет, кој го стопира патот за оспорување на одлуките на египетскиот претседател. Освен тоа, декретите ги заштитуваат од судски одлуки и Горниот дом на парламентот, како и комисијата која треба да изработи нов Устав. Во двете тела доминираат исламисти.

Во меѓувреме, продолжуваат судирите во земјата. При напад врз канцеларијата на Муслиманското братство во градот Даманхур вчеравечер загина едно лице, јави арапската телевизија Ал Џазира.

Demonstration Kairo Ägypten November 2012
Египетскиот претседател Мохамед Мурси претставен како „фараон“Фотографија: picture-alliance/dpa

Од почетокот на протестите во Египет се повредени повеќе од 500 лица. На улиците не се само противниците, туку и приврзаниците на претседателот, и тоа не само членовите на Муслиманското братство, туку и припадници на радикално-исламистичките салафисти. Тие тврдат дека е дојдено време „да му се даде поддршка на Мурси во неговата борба против остатоците на стариот режим“.

За денеска се закажани нови протести на исламистите и на либералните сили. Се стравува дека најавените големи собири ќе бидат проследени со насилство.

И новинарите повикуваат на штрајк

По судиите и обвинителите, на штрајк против политиката на Мурси повикаа и египетските новинари. Тие со прекин на работата сакаат да протестираат против недостигот на гаранции за слобода на печатот во сегашниот предлог на Уставот, соопшти синдикатот на новинарите.

„Овде сме затоа што сме дел од египетскиот народ. Отсекогаш задача на новинарите била да го рефлектираат расположението на улиците. Ние, како и сите други, ја отфрламе оваа корумпирана уставна декларација на претседателот, со кој ги крати нашите права“, објаснува новинарот Хаитам Тувала. Термин за генерален штрајк на новинарите се‘ уште нема.