Мурси брза со новиот Устав
29 ноември 2012Египетскиот претседател Мохамед Мурси денеска ќе и‘ се обрати на нацијата и ќе ги повика граѓаните да се обединат околу новиот Устав, кој беше изработен од уставната комисија. Се очекува парламентот да гласа за Уставот до крајот на денов. Чекорот на Мурси најверојатно ќе доведе до уште порадикални протести на либералните сили во општеството, затоа што во изготвувањето на предлог-уставот во најголем дел учествуваа исламисти и претставници на партијата на Мурси, Муслиманско братство.
Најмалку три лица загинаа во протестите кои го зафатија Египет во изминатава недела откако Мурси одлучи да преземе дел од судските надлежности во земјата.
Повеќе илјади демонстранти најавија дека нема да го напуштат плоштадот Тахрир во Каиро се‘ додека Мурси не се откаже од големите овластувања.