1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Музичкиот гениј од нова перспектива

Рик Фулкер/Б. Георгиевски7 септември 2012

„Самосвесност“ е мотото на годинешниот Бетовенфест, кој денеска (07.09.2012) почнува во Бон. Во главна улога се самостојни уметници кои го следат сопствениот пат кон успехот

https://p.dw.com/p/164vz
Фотографија: DW

Зошто денес, во време на максимална медиумска дистрибуција на музика, некој би одел во концертна сала да ги слуша во живо уметниците кои интерпретираат музика од минатите векови? Еден од можните одговори ќе го понуди Бетовенфест 2012, кој годинава нуди единствени, неочекувани и сосема нови изведби.

Годинешното мото на фестивалот „Самосвесност“, алудира и на изборот на уметниците. Директорката на фестивалот Илона Шмил објаснува:

„Демократијата живее од компромиси. Граѓанското општество, воспоставено во времето на Бетовен, било многу непријателски расположено кон уметноста. Историјата покажува дека токму уметниците кои целиот свој живот се обидуваат да се развиваат и да ги продлабочуваат своите погледи, на крајот се и најуспешни“.

Public Viewing Eröffnung Beethovenfest Bonn 2011
Фотографија: DW

На 66. Бетовенфест кој ќе трае до 7. октомври, ќе настапат уметници кои навистина можат да се опишат како „Самосвесни“. Таков е 30-годишниот диригент Андрис Нелсонс од Летонија кој ќе диригира на отворањето на фестивалот, или шведско-американскиот маестро Херберт Бломштед кој наполни 85 години и годинава ќе настапи со бетовеновата „Миса солемнис“.

Ноќ посветена на Џон Кејџ

На фестивалот годинава ќе му се оддаде почест на можеби најсамосвесниот современ композитор, американскиот уметник Џон Кејџ, кој на 5. септември 2012. би наполнил 100 години. Десет дена по таа годишнина, на три места во бонскиот музеј „Музеумсмајле“ ќе се одржат осум концерти со музика на Кејџ. Посетителите ќе можат да шетаат од еден до друг концерт и на тој начин ќе добијат можност, сосема во духот на самиот Кејџ, да доживеат сопствен хепенинг.

Сузан Кесел соработуваше на овогодишниот концепт на фестивалот во кој делата на композиторите нема само да бидат изведувани, туку нивните револуционерни идеи ќе бидат унапредени:

„Мислам дека Кејџ и во следните 100 години ќе има потенцијал. Тоа навистина го мислам, затоа што се работи за креативна основа која во секое време може да се искористи. Кејџ е секогаш актуелен и секогаш поинаку звучи“.

Beethovenfest 2012
Фотографија: Julia Baier

На Бетовенфест љубителите на музиката секоја година имаат можност да слушнат разновидна палета на музички изведувачи, а годинава, поради мотото на фестивалот, таа разновидност ќе биде збогатена. Во таа смисла, годинешниот фестивал нуди и кореографски концерт „Четири годишни времиња“, во кој солисти, оркестар и танцувачка група ќе се обидат и со своите тела да ја претстават музиката.