1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Уметност

Музејот „Лудвиг“ во Келн

8 март 2021

Келнскиот музеј „Лудвиг“ ја поседува третата по големина збирка на дела од Пикасо во светот, после Париз и Барселона.

https://p.dw.com/p/3qKrP
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

 

Келн  е познат не само по карневалот и по тоа што е единствениот град во кој пивото и  дијалектот на Келнјаните  имаат исто име – Kölsch. Тој е одамна  и  град на уметноста. Пред две илјади години настанат како римска колонија (Colonia Claudia ara Agrippinensium), Келн сведочи за својата историја со мноштвото археолошки  остатоци, пристапни во Римско-германскиот музеј (Römisch-Germanisches Museum). Овој музеј се наоѓа зад прочуената келнска готска катедрала (1248-1880). Таа припаѓа на светското културно наследство на УНЕСКО. Келн  има и многубројни  други  значајни романички и  средновековни  цркви во центарот, но и во другите градски квартови. Тој е седиштето на најстарата и најголемата  архиепископија на  католичката црква  во Германија. Милионскиот град  во Рајнската област во дваесетиот  век стана се‘ позначаен со богати  збирки на модерната уметност. Освен тоа, мноштвото на уметнички галерии направија тој уште од  шеесеттите години да стане   интернационална берза на модерната уметност, од што 1984-тата настана прочуениот саем на ликовните уметности – ART COLOGNE.

Срцето на Келн е катедралата. Таа е најголемата гордост на Келнјаните. Таа е и најголемата реставратоска лабораторија, затоа што   каменот од кој е изградена е подложен на оштетувања поради загаденоста на околината.  Околу катедралата се наоѓаат   најпознатите музеи. Не само Римско-германскиот музеј или музејот на средновековната уметност „Шнитген” (Museum Schnütgen), кој од 1956-тата се наоѓа во прекрасната романичка црква Св. Цецилија (St.Cäcilien).  Во центарот на Келн се наоѓа и музејот  „Валраф Рихарц” (Wallraff-Richartz-Museum), прочуен по скапоцената збирка на класичната уметност од 16-от  до 19-от век, од „келнската ликовна школа”,  но и  од импресионизмот.

Други колумни од авторката:

Македонските романописателки

Посланието на Блаже Конески до Македонците

Формула за „фашистичкото минато“ во спорот со Бугарија

Сепак, најубавото место  за мене е музејот „Лудвиг“ (Museum Ludwig), во кој пред пандемијата одев неколкупати во годината. Не само на изложби или во книжарница, богата со дела за уметноста, туку и на ручек или вечера со пријатели во ресторанот на музејот. Често и пред  посетата на концерт во келнската филхармнонија. Од ресторанот има директна скала која води   право во фоајето на филхармонијата. Восхитувачки е погледот врз Рајна од платото пред музејот.  Звукот на возовите, кои пристигнуваат и заминуваат од блиската станица, безбројните туристи кои минуваат пред портите на музејот, медитеранските маслинки во големите дрвени саксии на терасата на ресторанот, во кој често се служат италијански јадења и песната на уличните музичари, будат постојано во човека копнеж по патувања и  желба да се откријат нови светови. А токму тоа го крие во себе музејот – илјадници светови, скриени во секое уметничко дело. Секој добар музеј ни го отвора пред нас целиот свет и неговата историја – збрани на едно место.

Музејот „Лудвиг“ во Келн го доби името во чест на донаторите, брачниот пар Ирене и Петар Лудвиг (Irene und Peter Ludwig). Обајцата потекнуваат од фамилии на фабриканти. Фамилијата Лудвиг поседува една од најголемите фабрики за чоколадо. Обајцата студирале историја на уметноста и археологија. Петар Лудвиг докторирал 1950-тата на творештвото на Пикасо. Од 1951-та брачниот пар почнал да ја создава својата збирка на дела од современото сликарство која по четири децении  ја достигнала бројката од 14.000 дела. Тие денес се наоѓаат во 26 музеи на три континенти, а  12 музеи и фондации го носат името „Лудвиг“.

Die Kathedrale (Ausstellung in Köln)
Катедралата Нотр Дам, дело на Пабло ПикасоФотографија: VG Bild-Kunst, Bonn 2014 (Ausschnitt)

Овој грандиозен придонес за ликовната уметност произлезе од нивното сфаќање на уметноста која ги надминува националните граници. Тие придонеле со своите донации да се основаат музеи не само во многу германски градови, туку и во Будимпешта, Хавана, Санкт Петербург и Пекинг. Првите дела  од   европските и  американските  уметници ги купиле на крајот од педесеттите. Подоцна  купувале и дела од уметници во Источна Германија, во Советскиот сојуз, во Кина, во Куба и во многу други земји во Латинска Америка.

1976-тата му подариле на градот Келн збирка од 350 дела, а градот од своја страна требал да изгради зграда. Така бил основан музејот „Лудвиг“. Архитектите Петар Бусман и Готфрид Хаберер  го проектираа новиот музејскиот комплекс, кој восхитува со чистата естетска форма. Во него е вклучена и збирката која на градот Келн  му ја подари 1946-тата  келнскиот адвокат Јозеф Хаубрих (Josef Haubrich). Во неа се делата од германските експресионисти Ерих Хекел, Карл Шмит-Ротлуф, Ернст Лудвиг Кирхнер, Август Маке и Ото Дикс. Во Втората светска војна Хаубрих морал да ја крие збирката на различни места, за да не му биде одземена од нацистичкиот режим  како „дегенерирана уметност“ („Entartete Kunst“). Тој ги откупувал  и делата кои келнските музеи морале од истата причина да ги отстранат од своите збирки. По војната, 1946-тата, Хаубрих презентирал 100 дела од својата збирка во  изложбата во зградата на келнскиот универзитет. Со тоа тој ги потсетил своите сограѓани колку драгоцени дела од модерната уметност биле уништени или загубени во Третиот Рајх.

Таа изложба ја видел и тогашниот студент Петар Лудвиг, а тоа ја засилило  неговата колекционерска љубов. Во збирката која тој и жена му  1976-тата ја подариле на градот Келн се наоѓале   дела на Руската aвангарда од 1905-тата до 1935-тата, како оние на  Наталија Гончарова. Александра Екстер, Михаил Ларионов, Љубов Попова, Казимир Маљевич и Александар Родченко. Покрај тоа  и збирката од дела на американските Поп-aрт уметници Енди Ворхол, Рој Лихтенштајн, Том Веселман и Чарлс Розенквист, која е втора по големина во светот. 1994-тата брачниот пар Лудвиг му подари на градот Келн  уште 90 дела од Пикасо. По смртта на Петар Лудвиг 1996-тата, неговата сопруга му подари 2001-та  на музејот уште 774 дела од Пикасо. Тоа значи дека овој келнски музеј ја поседува третата по големина збирка на дела од Пикасо во светот, после Париз и Барцелона.

Köln Ausstellung Andy Warhol Now | Museum Ludwig | 12.12.2020–13.6.2021
Дел од изложбата  на Енди Ворхол во музејот „Лудвиг“ во КелнФотографија: Rheinisches Bildarchiv/Marleen Scholten

Во соработка со  лондонскиот музеј „Tate Modern", музејот „Лудвиг“ ја подготви изложбата  на Енди Ворхол  во Келн. Ретроспективата од 100 дела, „Andy Warhol Now", во Келн требаше да се отвори уште во декември 2020, но поради локдаунот во Англија и во Германија, отворањето мораше да биде  одложено. Изложбата конечно ќе биде отворена  на 9-ти март. Ќе трае до 13 јуни 2021. Пред некој ден стана пристапна вебстраната на која посетителите можат  да купат онлајн-влезница и да резервираат строго ограничен временски термин за себе. Преголемиот број на заинтересирани посетители предизвика набрзо колапс на вебстраната. Тоа ја потврдува интуицијата на вљубениците во ликовната уметност, брачниот пар Ирене и Петар Лудвиг. За да преживее, на човештвото  му треба не само храна, туку и уметност.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.