1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Мртви избори“ во Бангладеш

Јирген Веберман / Елизабета М. Фиданоска5 јануари 2014

Во Бангладеш се одржуваат парламентарни избори, засенети од брутално насилство. Од страв голем број граѓани нема да излезат на гласање. Резултатот и онака е однапред познат.

https://p.dw.com/p/1AlQh
Фотографија: AFP/Getty Images

Десетици илјади припадници на безбедносните сили патролираат по улиците на главниот град Дака. Во Бангладеш практично владее вонредна состојба. Само оној кој има писмена дозвола смее да вози по улиците. Во градот каде сообраќајот секојдневно колабира, сега владее тишина и празнотија.

И покрај безбедносните мерки, викендов повторно дојде до судири. Приврзаниците на опозицијата запалија училишта кои денеска требаше да служат како изборни места. Други, пак, се обидоа со насилство да ги спречат возачите на автобуси и сопствениците на продавници да работат. Опозицијата повика на генерален штрајк кој ја парализира земјата со денови. Само текстилните фабрики работат и натаму, најверојатно поради големото влијание на сопствениците.

Bangladesch Parlamentswahlen
Десетици илјади припадници на бебзендосните сили се на улиците на ДакаФотографија: AFP/Getty Images

Најголемата опозициона партија БНП ги бојкотира изборите. Таа побара создавање неутрална преодна влада, која ќе организира избори. Владејачката Авами Лига на премиерката Шеик Хасина меѓутоа го отфрли ваквото барање како неуставно.

Независниот политиколог Бадиулалам Маџундар оценува дека избирачите се во стапица. „Дилемата може да биде навистина опасна за луѓето“, вели тој. „Ако излезат на избори ќе си создадат непријатели. Ако не излезат, исто така ќе си создадат непријатели, зашто ќе бидат обвинети дека ја загрозуваат демократијата“.

Bangladesch Parlamentswahlen
Непријатели ќе се создадат и ако се излезе и ако не зе излезе на гласањеФотографија: AFP/Getty Images

Дополнителни иритации внесе и смртната пресуда против политичари на исламистичката партија Џамат е Ислами, која во текот на војната за независност во 1970-тите извршила злосторства во земјата. Тогаш Бангладеш се отцепи од Пакистан. Исламистите се бореа против тоа. Сега тие се сојузници на БНП. Владата, пак, ја забрани Џамат е Ислами.

Фронтовите во Бангладеш на денот на избори се екстремно заострени. Единствено е јасно дека доколку состојбата не ескалира и ситуацијата во свои раце не ја преземе армијата, победник на изборите ќе биде владејачката партија. Тоа меѓутоа ни оддалеку не значи крај на политичката криза.