1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

МПЦ во мистиката на православието

7 јуни 2022

Кои се разликите и сличностите на Македонија на патот за автокефалност на црквата и членството во ЕУ? Колку вета со златоуст јазик ќе паднат до посакуваните решенија? Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/4CLYN
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

По одлуката на Српската православна црква да издаде акт, документ за признавање на автокефалноста на МПЦ-Охридска архиепископија, веќе може да се каже дека Македонската православна црква, да се изразам со световен јазик, ги почнува „преговорите“ со сестринските православни цркви за признавање на целосна автокефалност. Колку ќе траат и колку вета со златоуст јазик ќе паднат до посакуваното решение, само Господ знае.

Еуфоријата и вознесот во вакви деликатни ситуации не се својствени на православието. Таму треба да царува трпението како темел на верата. Затоа е неопходна воздржаност и да продолжи тивката црковна дипломатија, без камбани и таламбаси. Мистиката на ортодоксните цркви наследена од Византија поинаку го мери времето. Еден век порано или подоцна, во однос на вечноста, нема големо значење. Големиот исчекор напред, направен по повеќе векови за Охридската архиепископија и по 56 години на МПЦ, на патот на автокефалноста, гледано од денешен агол, е ветувачки, но воздржаноста е неопходна и реална. За вториот чекор ќе треба големо трпение и мудрост.

И тогаш, кога тоа ќе се случи, ако се случи посакуваното, нема да биде сѐ наеднаш. На тоа треба да е подготвена и црквата и верниците и особено политиката. Ќе остане нешто недоречено, незавршено како догма, или канон кој е невидлив, ама може да се изнедри наеднаш од архивите на православните цркви, или од актуелните политички кабинети. Сеедно. Догмите во православието означуваат доктрина, а каноните дисциплина. МПЦ во практикувањето на верата нема отстапување од каноните, но догмите секогаш можат различно да се толкуваат и да претставуваат содржина на доктрината која може да прерасне во несовладлива пречка на натамошниот пат на МПЦ кон автокефалност.

Кога простосмртен владетел е поголем и од Господ

Единство во православието нема, како што нема ни во христијанството. Напротив, има изразени несогласувања и жестока поделеност со еднаква изложеност на силно влијание врз црквата од страна на политиката, без голема разлика дали е од императорите, царевите, кралевите, кнезовите, комунистичките режими, или демократските влади. Само доктрината на остварување на интересите е различна, прибегнувајќи и до војна.

Последната е во тек во Украина, со силна поддршка на црквата, иако од двете страни на фронтот се православни христијани кои во име на бога и верата се убиваат меѓу себе, убивајќи жени и деца, невини луѓе, разорувајќи и опустошувајќи градови и села, спроведувајќи ги наредбите на еден простосмртен владетел, православен христијанин издигнат и од црквата за поголем од Господ, а целиот тој ужас се прави и во името на Бога, со амин и на црквата.

Само една мала историска илустрација која доволно говори за догмите на црквата: досега се одржани само седум вселенски собори. Последниот е одржан 787 година во Никеа, денешен Измит, крај Бурса, рамно пред 1235 години, познат како Вториот никејски вселенски собор. Без никакви изгледи да се одржи осмиот собор и во наредните илјада години. Значи патот кон целосна автокефалност на МПЦ ќе оди преку томосот на надлежната Цариградската патријаршија, со или без амин, сѐ уште не е извесно, во зависност од догмата на патријархот Вартоломеј, но и на 13 православни цркви и тамошните државни политики.

Чинам дека веќе ги препознавате сличностите и разликите што ги минува државата Македонија како и црквата. Некако ми доаѓа исто членството во ЕУ и автокефалноста на црквата - и двете се на патот на Голгота. Почнувајќи од првиот чекор на признавање на независноста, членството во ОН, пактот за асоцијација и стабилизација со ЕУ, безвизниот режим, кандидатскиот статус, членство во НАТО, одлука за отпочнување на преговорите со ЕУ, сите проследени со повеќегодишни маратонски преговори со Грција, со Брисел, со грчко, француско и бугарско вето.

Ќе научи ли нешто политиката од црквата?

По првата промена на името на државата во Поранешна југословенска република Македонија, уследи промена на знаме и на член на Устав, ист каков што има соседната земја која поставува ултиматум, а е во врска со правата на малцинствата. Потоа следи уште една промена на името на државата во Северна Македонија, па уште наметната промена на уставот. Па, следи нов ултиматум со барање за промена на историјата, на потеклото на јазикот, барање за уште една промена на уставот за влез на „братскиот“ православен и европски цивилизиран и демократски бугарски народ.

И сето тоа како резулатат на интереси и политика кои преминуваат во лудило и навлегуваат длабоко во внатрешен македонско-македонски раздор и партиски пресметки како извонредна тема за освојување на власта, небаре има поголеми мудреци кои ќе се спротивстават на овие вековни интереси и неостварени историски заблуди и предрасуди.

Дека станува збор само за интереси и политика уште се свежи сеќавањата на повозрасните граѓани и современици кога падна железната завеса и тврдиот комунизам на Исток и кога се урна Берлинскиот ѕид. Тогаш критериумите за влез во ЕУ и во НАТО беа толку лабави што се влегуваше во тие сојузи онака, чопоративно. Интересите на Германија и Франција беа толку силни и категорични што некои земји кои сега поставуваат несфатливи услови прескокнаа векови и влегоа во ЕУ како неканети дојденци од провинција и го претставија Балканот како страшило.

Сега ние ја трпиме одмаздата на поранешните повторувачи кои ставаат вета и изигруваат големи Европејци за да ги лечат своите комплекси врз Македонија.

Ете така поминаа 31 година од независноста на Македонија. Многу, или малку во зависност од кој агол се гледа. Од историски - тоа е само еден миг. Кој можел пред 35 години да претпостави дека Македонија ќе стане независна држава, членка на НАТО, кандидат за членство во ЕУ. Од аголот пак на еден човечки живот, тоа е близу до половина од животниот век. Премногу време за неостварени надежи.

- повеќе од авторот: Туморот што ги убива Бугарите и Македонците

Сепак, овојпат македонската политика треба да научи нешто од црквата и црковните великодостојници. Без големи таламбаси и со тивка дипломатија во овој момент на војната во Украина и на големите геополитички интереси на големите воени, политички и економски сили, како што се Америка и ЕУ, може да почне последната етапа од остварување на најважните државни стратегиски интереси во изградба на просперитетно и демократско општество. Вака крупните тектонски промени не може да ги заврши само една генерација. Компромисите се полесни ако се совлада сознанието дека во политиката нема вечни решенија и вечни пријателства. Има само вечни интереси. Последиците од некои болни компромиси ќе ги исправат наредните генерации. Не може да се добие сѐ одеднаш како што ние сакаме. За тоа има еден голем и најзначаен предуслов. Да ја сочуваме држвата и да влеземе во ЕУ.

- повеќе од авторот: Зошто сѐ уште ѝ верувам на Европа

Кога ќе седнат на иста маса идните македонски политичари како дел од европското семејство, нивните аргументи ќе прозвучат поинаку и многу поразбирливо. Има безброј примери за разликите во однесувањето на новите членки на ЕУ порано и сега. Македонија е онеправдана, иако е на праведната страна на историјата. Тоа Европа го знае и го кажува јасно и гласно. Но, ги кажува и заштитува интересите на членките. Така ќе биде и со Македонија. Оттаму е стравот на нашите комшии. Македонија како рамноправна членка на ЕУ и на НАТО е друга приказна.