Мојсовски прв, Лазаров втор на листата на стрелците во ЛШ
4 декември 2011Во историскиот успех на ракометарите на македонскиот првак Металург, остварен со победа во натпреварот со Санкт Петерсбург (32:19), Наумче Мојсовски вчера (03.12) повторно одигра значајна улога. 31- годишниот македонски репрезентативец постигна седум голови и со вкупно 52 постигнати голови повторно се врати на првото место на листата на стрелците на ЕХФ- Лигата на шампионите.
Тој има добри шанси и натаму да опстојува на оваа позиција со оглед дека неговиот Металург стана првата македонската машка екипа која изборила пласман во завршната фаза од Лигата на шампионите.
Кире Лазаров, кој пак секоја сезона е меѓу најдобрите стрелци во Лигата на шампионите, а двапати бил и на самиот врв во сезоните 2005/2006 и 2007/2008 во моментов се наоѓа на второто место со постигнати 49 голови. Тој во последниот натпревар во Лигата на шампионите го спаси од пораз на гостивањето во Москва, неговиот тим Атлетико Мадрид со гол во последните моменти. Лазаров воедно беше и најпрецизен во Атлетико со седум голови.
Се разбира ова е денешен (04.12.2011) моментален поглед на листата на најдобри стрелци во Лигата на шампионите, но и Мојсовски и Лазаров имаат шанса и натаму да ги бранат овие позиции. Убава глетка за македонските навивачи.
Автор: Симе Недевски/ехф/мф
Редактор: Александра Трајковска