1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мојот личен Париз

6 август 2009

Да се открие Париз настрана од туристичките патеки, барем еден ден да се биде парижанин - тоа е можно со т.н. „лаици - туристички водичи“: историчари, пензионери и ПР-менаџери го покажуваат нивниот „личен Париз“.

https://p.dw.com/p/J3wM
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Шест жени од германскиот град Ахен имаат намера да дознаат се‘ за еден кварт во Париз, кого досега го нема во ниту еден туристички водич за градот. Тој кварт се вика Ле Батињол, се наоѓа недалеку од познатиот Монмартр и е роден крај на Вероник Васкез. Таа елегантна дама, на средина од четвртата деценија на животот, преку недела работи во едно големо претпријатие на Шанзелизе, а во текот на викендите им го покажува на туристите „нејзиниот Париз“.

Paris Stadtführung in Les Batignolle
Вероник ВаскезФотографија: Siegfried Forster

Ле Батињол не е толку спектакуларен кварт како останатите, и‘ објаснува Васкез на групата туристи. Но, тоа е еден типичен француски кварт, омилен пред се‘ кај младите семејства и луѓето на возраст од 30 до 40 години. Тоа е типичен „Бобо-кварт“, што значи дека многу луѓе тука купуваат био-производи и живеат здраво.

По неколку минути, шесте жени-туристи и Вероник во меѓусебното обраќање се веќе на “ти“. Особеното на ваквиот начин на водење низ градот е што „парижанките за еден ден“ дознаваат за животот на своите водичи исто онолку, колку што дознаваат и за квартот. Вероник Васкез живеела во Германија 17 години, а од пред три години е повторно во Франција.

Шармот на неделниот пазар

Ле Батињол на почетокот на 19. век бил самостојно село. Потоа била изградена железницата и Ле Батињол бил приклучен кон градот.

Paris Stadtführung in Les Batignolle
Ле Батињол има свој посебен шармФотографија: Siegfried Forster

Душата на квартот е плоштадот Доктор Феликс Лоближуа, неговите кафулиња, мали продавнички и деца што си играат. Нема редици посетители како кај Ајфеловата кула, туку „шарм на неделен пазар“. Меѓу главните атракции е поглед кон парижани кои ги „тегнат“ торбите со набавките или го носат мебелот при преселби.

Притоа, квартот не е без историја: на времето импресионистите почнаа да дејствуваат како Батињол-група. Овде живееле и познати писатели, како Емил Зола. Посета во еден поинаков свет на Париз. На туристите Сандра и Андреа им се допаѓа да бидат парижанки за еден ден.

Сите имаат полза од ваквите тури

Paris Stadtführung in Les Batignolle
Колку што се дознава за Париз, се дознава и за личниот живот на водичитеФотографија: Siegfried Forster

„Може да се ’вдише‘ дел од Париз, како живеат луѓето овде, како се чувствуваат и се собираат и, едноставно, може во моментот да се ужива животот“, вели Андреа.

Ваквото водење низ градот е бесплатно за туристите - Вероник не добива пари како доброволен водич низ квартот, но таа сепак профитира. На тој начин, може конечно да ги примени своите познавања на германскиот јазик, вели таа. „И ова размена со луѓе од различни националности и култури е извонредна. Тоа, во секој случај, е збогатување“.

Автор: Зигфрид Форстер / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска