1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

241009 Stockholm Klimawandel

25 октомври 2009

Во Стокхолм заврши собирот посветен на европската развојна помош. Државниците од земјите во развој велат дека нивните земји се жртви на последиците од промените на климата. ЕУ ветува помош, но колкава е и натаму нејасно.

https://p.dw.com/p/KEtL
Логото на собирот во Стокхолм

„Претставете си целата ваша татковина да стои под вода еден, или два метри. Тоа е она што мене веќе ми се случило, што се‘ почесто ми се случува!“ Со ваков драматичен апел, претседателот на островската држава Микронезија се обиде да ги размрда учесниците на Европските денови на развојна помош во Стокхолм. Емануел Мани Мори владее во државата со 600 острови, кои одвај да се нешто над површината на Пацификот: „Мојата земја само што не потонала. И да дискутираме 17 години нема да се усогласиме околу единствен одговор.“

Emanuell Manny Mory
Емануел мани Мори, претседател на МикронезијаФотографија: DW/Bernd Riegert

Претседателот на Микронезија бара од ЕУ на претстојниот самит за климата во Копенхаген, во декември, да се обврзе на финансиска помош за сиромашните земји.

Татковината на Ескимите се топи

Промените на климата не ги тангираат само островските држави, туку и африканските земји, во кои се намалуваат приходите од жетвата поради недостиг на вода. Погодени се и најсеверните и најстудените региони на земјината топка. Мери Сајмон, претседател на домородците во Канада, вели дека татковината на Ескимите се топи: „Во мојата земја има регион кој почнува да тоне. Мразот е растопен, а тоа се случува насекаде на Арктикот.“

Mary Simon Präsidentin der Ureinwohner Eskimos Kanadas
Мери Сајмон на говорницата во СтокхолмФотографија: DW/Bernd Riegert

Мери Сајмон бара Фонд за итна помош, кој би имал обем од 20 милијарди долари и за кој би требало да биде постигнат договор во Копенхаген.

Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо признава дека индустриските земји ја предизвикале промената на климата со своите издувни гасови. Затоа, тие би требало да дадат помош за земјите во развој. Барозо не наведе конкретни суми: „Прво, ќе понудиме финансирање со кое земјите во развој ќе можат да ги платат мерките за прилагодување кон промените на климата. Се надевам дека наредната недела тоа ќе го заклучиме на самитот на ЕУ во Брисел и дека, потоа, со тие предлози ќе отидеме на самитот во Копенхаген.“

Европските граѓани се подготвени на поголема помош

Symbolbild Klimaschutz Klimawandel Kosten Euro
Помош е неопходна, но колкава ќе биде таа навистина?Фотографија: Picture-Alliance /dpa/DW

Според експертите, земјите во развој во 2020 година ќе мора да потрошат околу 100 милијарди долари како резултат на последиците од промената на климата. Голем дел од тие средства би морало да дојде од индустриските држави и земјите во забрзан подем. Премиерот на Бангладеш, шеик Хасина Ваџед, побара овие средства да се исплатат дополнително, независно од веќе договорената развојна помош од 0,7% од брутодомашниот производ на развиените земји.

ЕУ стравува дека земјите донатори ќе се обидат регуларната развојна помош да ја пренасочат во полза на помошта за справување до промените на климата. Едно ново истражување на Европската комисија покажува дека граѓаните во Европа се подготвени, и покрај економската криза, да дадат повеќе средства за развојна помош.

Автор: Бернд Ригерт / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска