1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МОСТ и Цивил регистрираат неправилности на гласачките места

АМ/макфакс/цивил21 април 2013

МОСТ во текот на денот забележа мали неправилности на гласачките места. Неправилности регистрираат и набљудувачите од невладината организација Цивил. На денешното гласање е регистрирана помала излезност.

https://p.dw.com/p/18KGf
Фотографија: Petr Stojanovski

Како што информира МОСТ, на гласачко место 2849 во општина Центар, фоторепортер побарал да слика во избирачкото место. Избирачкиот одбор му дозволил, но му напоменал дека не смее да ги слика гласачите. Кога тргнал да си замине, членовите на ИО побарале да ги погледнат фотографиите, бидејќи се сомневале дека има слики од гласачите, по што фоторепортер се спротивставил. Потоа реагирала и полицијата, по што настанот бил заведен во дневникот за евиденција на настани.

На гласачко место 2802 во општина Центар, зад параванот за гласање е забележана испишана парола против една политичка партија. По реакција на гласач, ИО го покрил натписот со хартија по што гласањето продолжило.

Во општина Центар МОСТ забележа и дека е расфрлан пропаганден материјал со дезинформации за денот на одржувањето на изборите.

Kommunalwahlen in Mazedonien Darko Aleksov
Граѓаните во МОСТ пријавиле повеќе неправилностиФотографија: MIA

На гласачко место 1210 во општина Долнени, на гласач кој немал траги од невидливото мастило, веќе му било заокружено и потпишано името во Избирачкиот список. ИО направил записник за случајот и дозволил на гласачот да гласа. МОСТ регистрираше и прекин на гласањето од 20 минути на гласачко место 1490 во општина Долнени. Таму болно и изнемоштено лице дошло да гласа со придружба, по што реагирал партиски набљудувач и не дозволувал лицето да гласа на тој начин. Иако, избирачкиот одбор рекол дека се’ е во ред, набљудувачот продолжил да се расправа, по што била повикана полиција. По прекинот од 20 мин гласањето продолжило.

На бесплатниот телефонски број 080 080 080 граѓаните најчесто пријавувале расфрлан пропаганден материјал, неможност да гласаат поради нефункционирање на лифтовите во зградите во Капиштец, општина Центар, дупнати гуми на автомобилите, како и неможност на оние гласачи кои гласале како болни и немоќни во изминатите два круга да гласаат на истиот начин и овојпат.

Нерегуларности регистрирани и од Цивил

Набљудувачите на невладината организација Цивил регистрираа еден случај на јавно гласање на гласачкото место број 2817 во ОУ „Димитар Миладинов“. На истото гласачко од Цивил тврдат дека имало обид да се попречи нивен набљудувач да ја изврши својата со образложение дека нема посебно овластување од Цивил.

„Нашиот набљудувач, исто така, беше испрашуван од член на изборната комисија и од припадник на полицијата за тоа од каде се финансира проектот на Цивил и други прашања за нашата организација, кои не се тема на изборите“, стои во соопштението на Цивил, во кое се тврди дека „и на неколку други гласачки места“ набљудувачите биле „предмет на испрашување и од набљудувачите на одредена партија“.

Tagung der NGO "Civil"
Цивил регистрира партиско агитирање на гласачките местаФотографија: DW/M. Jovanoski

Од оваа организација велат дека забележале „партиско агитирање и евидентирање на гласачи во близина на речиси сите гласачки места“. Партиски набљудувач му доставил усна поплака на набљудувач на Цивил дека пред ОУ „11 Октомври“ има легитимирање на гласачи пред да влезат на гласачките места.

Цивил добил телефонски повици од Струга со информации за нерегуларности во текот на гласањето за втор круг во Долнени. Набљудувачите на Цивил и граѓаните од Струга информирале за видливо присуство на полицијата со возила на специјалните единици.

Излезноста до 13 часот – 33,41 проценти

Излезноста на ниво на цела држава до 13 часот достигнала 33,41 отсто, додека на ниво на Град Скопје своето право на глас го искористиле 33,88 отсто од гласачите, информираат од Државната изборна комисија.

Најмала е излезноста во Општина Струга каде на девет избирачки места каде што се прегласува вториот изборен круг, до 13 часот гласале 29,5 отсто, или 1.975 граѓани, а највисока е повторно излезноста во Општина Долнени, каде се одржува вториот круг од изборниот процес и каде на 39 избирачки места правото на глас до 13 часот го искористиле 38,58 отсто од гласачите, или 4.508 граѓани.

Во Општина Центар, каде се прегласува на 29 избирачки места, од 22.939 гласачи, колку што се наведени во избирачкиот список, гласале 7.865 гласачи, или 34,29 отсто.

Денеска се прегласува и на едно место во општината Ѓорче Петров каде, според последните информации на ДИК, гласале 26,82 отсто, или 354 граѓани.

Од ДИК велат дека засега не добиле приговори и поплаки по однос на изборниот процес. Во врска, пак, со добиените информации од невладината организација МОСТ која го набљудува процесот, дека во Долнени имало пауза од 20 минути на гласањето, од ДИК велат дека податоците најверојатно не се точни и дека не е евидентирано никакво прекинување на изборниот процес.