1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Молитви во Германија за војна?

Рихард Фукс
29 јануари 2018

Обвинувањето е тешко: дали во германските џамии се држеле молитви за победа на турската армија во северна Сирија? Исламското здружение ДиТиБ и турските политичари демантираат, но прашањето и натаму не е решено.

https://p.dw.com/p/2rgxe
Deutschland Jahreshauptversammlung Ahmadiyya Muslim Jamaat
Фотографија: picture alliance/dpa/K. Nguyen
Deutschland Eröffnung liberaler Moschee mit Initiatorin Seyran Ates in Berlin
Сејран АтешФотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini

Турската воена офанзива против курдските милиции во северна Сирија е прашање кое и во Германија предизвикува поделби. За тоа придонесоа информациите дека се изведуваат напади со тенкови од германско производство. Меѓутоа, работата стана исклучително емоционална кога беше објавено дека имами во џамии на ДиТиБ повикале на молитва за успех на воената офанзива. За тоа известија повеќе медиуми, притоа повикувајќи се на повеќе извори. Според „Шпигел онлајн“, тоа произлегува од Фејсбук-цитати на исламски духовни лица. Еден имам од покраината Баден Виртемберг напишал дека ќе биде одржана молитва за „победа на нашата херојска армија и нашите херојски војници“.

Дали во Германија повторно има молитви за војна?

Исламското здружение ДиТиБ, кому му се припишуваат блиски врски со државната унија за верски прашања во Турција, Дијанет, ги отфрла категорично ваквите обвинувања. Никогаш немало централен повик за молитви, се вели од ДиТиБ. Во соопштението на здружението, чие седиште е во Келн, се наведува дека одлука за тоа какви молитви ќе се држат одлучува секоја заедница за себе. Во соопштението нема ниту збор за дистанцирање. Тоа не ја чуди адвокатката Сејран Атеш. Таа оценува дека укажувањето оти молитва не била наредена централно, е чисто „тврдење за заштита“. „Самиот факт што претседателот на Турција преку Дијанет остварува верска комуникација околу оваа војна, значи ги користи џамиите за тоа, според мене е скандал“, вели Атеш, која е поранешен член на Германската исламска конференција.

Повеќе:

Дилемата на германската надворешна политика

Африн: Живот во смртен страв

Спротивен е ставот на турскиот политичар Мустафа Јенероглу, кој во интервју за Дојчландфунк рече: „Не се држат молитви за војна, туку за преживување на турските војници и нивните сојузници и за безбедност на земјата, а тоа е најразбирливото нешто само по себе.“ Членот на турската владејачка партија АКП укажува на своите лични искуства во Германија и вели дека и во христијанските цркви луѓето „се молат за заштита и за загинатите германски војници“. Сејран Атеш, која е коосновач на една либерална џамија во Берлин, смета дека ваквите споредби се неодговорни: „Конотацијата е поинаква кога луѓето како верници се вовлекуваат во стратешки долго подготвувана војна, која треба да послужи за да се сврти вниманието од внатрешнополитичките прашања.“

Köln Moschee Imame
Колку имами повикале на молитва за успешна офанзива на турската армија?Фотографија: picture alliance/dpa/O. Berg

ДиТиБ мора да се „откачи“ од Анкара

Бернд Ридван Баукнехт, учител по ислам од германската покраина Северна Рајна Вестфалија, во интервју за ДВ бара целата дебата, која според него е делумно „хистерична“, да се води со повеќе факти. Тој не може да си претстави дека повикот за молитва дошол по централна наредба на турскиот претседател Ердоган. За поранешниот член на германската исламска конференција е многу можно во некои џамии да имало вакви повици за молитви.

„Тоа го осудувам, но истовремено повикувам и да се направи обид на момент да се влезе во расположението на турските граѓани.“ Во текот на изминатите години на турско тло имаше многу напади на терористичката милиција ИД и на курдската ПКК, вели тој. „Многу луѓе се чувствуваат вистински загрозени, поради што таму на одбраната на границите на земјата се гледа сосема поинаку“, аргументира Баукнехт.

Што се однесува до Германија, тој смета дека обврската лежи кај муслиманските здруженија. ДиТиБ би можело да ја поврати загубената доверба со тоа што отворено и веродостојно ќе се одвои од Дијанет. „Во Германија треба да станува збор само за германските муслимани, само за нив“, бара Баукнехт.

Повеќе:

Двоен удар - Ердоган во војна против Курдите и новинарите

Со германски тенкови на Курдите

Крај за протестот на Курдите во Келн

Кој го застапува исламот во Германија и пред сѐ - како?

Реалноста сѐ уште изгледа поинаку. Од обидот за пуч во Турција во јули 2016 година германските власти постојано констатираат дека има обиди за турско влијание. Во одговор на Министерството за внатрешни работи во Берлин на прашање на Партијата на левицата, во декември минатата година се оценува дека владата во Анкара се обидува да врши влијание врз организации блиски до владата, врз здруженија и верски заедници.

ДВ бараше коментар од различни Институти за исламска теологија на германските универзитети и се покажа дека тамошните претставници во моментов нерадо се изјаснуваат околу проблемот со молитвите. Можна причина за тоа е што во советите на многу студии свое постојано место имаат и претставници на ДиТиБ.

Deutschland Mustafa Yeneroglu zu Gast bei Maybrit Illner
Мустафа ЈенероглуФотографија: picture-alliance/ZB/K. Schindler

Турскиот АКП-политичар Мустафа Јенероглу оценува дека дебатата во Германија оди во сосема погрешен правец. Наместо со прст да се покажува кон ДиТиБ, вели тој, би требало да се запрат сѐ почестите напади врз џамиите. Неделава имаше напади врз џамиите во Минден и Лајпциг, при што ѕидовите на објектите беа исфарбани со боја, а прозорците беа искршени. На некои аеродроми имаше турканици меѓу курдски демонстранти и турски патници. „Би било подобро да има возбуда околу тоа што многу приврзаници на ПКК напаѓаат џамии и перманентно вознемируваат турски муслимани на германските улици, а притоа јавноста воопшто не реагира“, вели Јенероглу.

Сејар Атеш пак ваквите изјави ги оценува како екстремно „едностран став на преземање на улога на жртва“. Напади на аердоромите има, има и напади врз странци и мигранти, вели Атеш, која има курдско потекло. „Сето тоа го има, но господинот Јенероглу сака да превиди дека во џамиите на ДиТиБ се шири омраза и дека не се води баш политика на интеграција“, потенцира таа.

Stuttgart DiTiB-Moschee
ДиТиБ-џамија во ШтутгартФотографија: picture-alliance/dpa/D. Naupold

Затоа Атеш бара промена на размислувањето. „Сметам дека е скандалозно тоа што германската политика сѐ уште целосно го прифаќа ДиТиБ како партнер за соработка и разговор.“ Според нејзе, во меѓувреме е видливо дека ДиТиБ се финансира од Турција и дека Ердоган врши директно влијание врз политиката на конзервативното здружение. „Германската политика си се лаже себеси и тоа за јавноста веќе не е прифатливо“, нагласува Атеш, борец за женски права и коосновач на џамијата „Ибн-Рушд-Гете“ во Берлин.