1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можни ли се регуларни избори без попис на населението!?

Костадин Делимитов24 јули 2015

Пописот сам по себе не е гаранција за фер изборен процес. Но и без него процесот може да биде демократски, но само ако има политичка волја за целосно расчистување на избирачкиот список, сметаат експертите.

https://p.dw.com/p/1G40M
Фотографија: Petr Stojanovski

Политичките фактори во Македонија го трасираат патот кон излез од актуелната криза. Постигнатиот договор допрва треба да се реализира и да финишира со регуларен и фер изборен процес во април догодина. Клучните услови, покрај изборот на специјален обвинител кој треба да расчисти со аферата прислушување, се реконструкција и зголемување на надлежностите на Државната изборна комисија и прочистување на избирачкиот список. Работните групи на политичките партии, потпомогнати од невладиниот сектор веќе се „запознаа“ на првата неформална средба. Со оглед на кратките рокови, партиските тимови немаат многу време за губење за градење консензус околу проблематичните прашања. Но дали без направен попис е можно да се спроведат избори со резултат што реално одговара на бројките на терен? Дел од експертската јавност предупредува дека ваквата состојба реално претставува хендикеп со оглед дека статистиката оперира со податоци стари 13 години. Граѓанските организации пак вината за ваквата состојба ја лоцираат кај власта за која сметаат дека нема политичка волја за реално и темелно пребројување. Изборниот термин е прекраток за да се реализира оваа операција, но и без неа, може да се гарантира фер избори, ако има искрена политичка волја:

„Имајќи го предвид ова, сметам дека идната власт која ќе биде избрана на регуларни и демократски избори ќе треба уште на самиот почеток да изгради јасен политички став односно консензус за попис на населението и дека неговото спроведување ќе треба да биде еден од нејзините приоритети уште од самиот почеток. Што се однесува до избирачкиот список, можно е негово прочистување и без попис, затоа што, тој сепак, не зависи целосно од пописот. Ќе беше добро да му претходеше попис, но во моментов најважно е да се фокусираме на целосно и темелно прочистување, па дури и да се направи целосно нов избирачки список. Сметам дека вклучувањето на граѓанските организации и активисти во овој процес е многу важно особено во делот на нудење решенија, следење на процесот, но и на мотивирање на граѓаните и тие активно да се вклучат во прочистувањето на избирачкиот список. Токму затоа, НВО Инфоцентарот и коалицијата на граѓански организации која ја спроведува кампањата за попис, веќе ги започна активностите околу кампањата за прочистување на избирачкиот список. Нашата цел е да ја вратиме довербата на граѓаните во избирачкиот сипсок“, коментира Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар.

Deutschland Symbolbild Volkszählung
Фотографија: ullstein bild - Imagebroker.net

Повеќекратно значење на пописот

Причините поради кои Македонија од 2002 година не успева да спроведе статистичко пребројување на население и домаќинствата, според дел од аналитичарите, се исклучиво од политичка природа. Тие се важни за изборите, но уште поважни за економското планирање во државата, предупредува политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.

„Пописот не е неопходен за ефикасно прочистување на избирачкиот список туку пред се‘ за други работи. Право да гласа има секој државјанин на Република Македонија вклучително и тој што е надвор од државата. Има случаи на пример како во Хрватска каде бројот на гласачи е поголем од присутните во државата. Избирачкиот список ќе се прочисти, впрочем тоа се прави пред секои избори. Е сега факт е дека има и луѓе кои се во странство, а пријавеното живеалиште им е на домашна адреса и тука може да има одредени проблеми. Сепак пописот генерално треба да се гледа од аспект на економскиот развој и планирање, но не и за избори. Но едно е јасно, пописот очигледно го кочи ДУИ. ВМРО ДПМНЕ нема проблем со пописот, така што во вакви услови можеби и може евентуално да се направи технички попис според дата базите што ги имаат институциите, а може и да се употреби примерот со Словенија каде тој помина без етничко изјаснување. Како и да е дефинитивно кај нас нема 2,1 милиони жители и тоа повлекува други работи, пред се‘ од економски карактер“, смета политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.

Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Фотографија: MIA

Пречка е нефункционирањето на институциите

Дел од експертите пак сметаат дека пребројувањето на гласачите воопшто не треба да претставува проблем. И без попис има механизми тоа да се направи, смета политичкиот аналитичар Мерсел Биљали:

„Мислам дека кај што има политичка волја не е проблем да се дознае бројот на гласачи. Кај нас практично со право не се верува на системот и луѓето се повикуваат на секакви процеси. Но убеден сум дека ако има политичка волја тоа не е проблем. Државата има евиденција за сите и не е проблем да имаме реална слика за тоа колкав е бројот на гласачи во која изборна единица. Едноставно тука се настојува да се минира секоја точка од договорот вклучително и изборната регулатива. Решение постои ако институциите би работеле согласно законот. Затоа сметам дека пописот не е пречка, туку пречка е нефункционирањето на институциите согласно законот, туку согласно политичките директиви“, смета Биљали

Дел од експертите веќе подолг период предупредуваат дека пописот е неопходен а квалитетните мерења на терен може да се постигнат исклучиво со деполитизиран попис. Стручноста според упатените воопшто не е проблем, туку политичкиот консензус, кој очигледно дека го нема. Последниот попис во Македонија е направен пред 13 години, што ја прави земјата осамена во Европа по овој параметар. Последен пат беше направен обид за пребројување на населението и домаќинствата во 2011 кога процесот беше прекинат поради наводен обид за фалсификат. Мистеријата околу ваквите наоди остана неразјаснета.