1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можен е и поинаков свет

6 јуни 2007

Главниот самит – на Г8 - допрва почнува, а алтернативниот беше отворен вчера во Росток. Него го организира сојуз од критичари на глобализацијата, синдикати и црковни групи.

https://p.dw.com/p/Aogb
Од алтернативниот самит во црквата Свети Никола во РостокФотографија: picture-alliance/dpa

Местата во црквата Свети Никола во Росток бргу се пополнија. Многумина останаа во долги редици пред црквата. Токму по саботните безредија луѓето сакаа да покажат дека на алтернативниот самит акцент се става врз аргументи. “Од оваа манифестација очекувам дека ќе се зборува за теми, а не таа да биде протест заради протест”. “Вакви манифестации сигнализираат дека имаме алтернатива за неолибералната политика на државите на Г8 и дека е можен и поинаков свет” – рекоа некои од присутните.

Уводниот говор на Жан Циглер од Швајцарија, специјален известувач на ОН за правото на исхрана, кој е и голем критичар на глобализацијата, беше френетично поздравен. Скандал е секиојдневно 100 илјади луѓе да прегладнуваат, иако всушност има доволно храна во светот. Секое дете што умира од глад, всушност е убиено, рече Циглер. “Додека ние овде седиме два часа, умираат 176 деца под седум години.Тоа би можело да биде моето или вашето дете, а не било кој демографски графикон или статистичка бројка”.

Сиромаштијата, гладот и неправедноста се создадени од луѓе, па од нив можат и да бидат отстранети, констатира Циглер. Според него, европските субвенции во земјоделството се виновни што многу луѓе во Африка не можат самите да се прехранат.

“Денес на секој пазар во Африка можете да купите италијанско, германско или француско овошје и зеленчук и тоа за половина или третина од цената на соодветниот домашен производ. Африканскиот земјоделец по 15 часови дневно работи, а нема ни минимална шанса да дојде до пристоен егзистенцијален минимум. Таа дампинг-политика во аграрот и преплавувањето на африканските пазари со високо субвенционирани аграрни продукти од Европа може уште утре да биде запрена” - рече Циглер.

Неговите зборови како да произлегуваа од душата на луѓето во публиката. Надвор од црквата луѓе останаа да ги слушаат од звучниците, и покрај дождот кој заврна во меѓувреме.

Моника Дитрих