1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Модерниот пронаоѓач и неговите „луди“ идеи

Ралф Алексовиц/Б.Георгиевски28 ноември 2013

Флоријан Бергер е полн со идеи. Неговата професија е пронаоѓач. Откако забележал успех со првиот пронајдок посакал во иднина да не прави ништо друго, освен да пронаоѓа нешта кои го прават животот попријатен.

https://p.dw.com/p/1AI8S
Фотографија: Alex Kalmbach - Fotolia.com

Кој само би дошол на апсурдна идеја, да измисли ваква голема слушалка за модерните мобилни телефони?

Флоријан Бергер е полн со идеи. Неговата професија е пронаоѓач. 42-годишникот до пред 6 години имаше сопствена маркетинг агенција. Но откако забележал колку била успешна неговата идеја со телефонската слушалка, посакал во иднина да не прави ништо друго, освен да пронаоѓа нешта кои го прават животот попријатен.

„За мене е најубаво кога ќе видам дека луѓето се забавуваат со овие нешта, се смеат и велат: „Погледни, си видел ли досега вакво нешто“. Тоа е причината поради која го правам ова и ми причинува големо задоволство“.

Во 2008. Флоријан Берге ја основаше својата фирма „Данки продактс“, и ги изложи своите први 35 идеи на саем во Франкфурт. Во меѓувреме успеа да продаде повеќе од 300 артикли, повеќето низ целиот свет.

Подметката за торти со вградена декорација, на пример, е многу популарна во Јужна Африка. Тој има посебна идеја за касичка за штедење, а неговите четки за чистење ги доставува и во Монголија.

„Секогаш се изненадуваме. Сме имале продукти за кои сме мислеле дека ќе се продаваат фантастично, ќе има голем интерес, но никој не покажал интерес. Сме имале и продукти за кои сме мислеле: ’Зарем ова некој ќе сака да го купи?’“

Така беше и во случајот со кесичката за чај. Тоа не е област во која во последниве децении беа направени некои големи иновации. Но, Флоријан Бергер од кесичката направи нешто ново, кое во меѓувреме стана продажен хит во познатата стоковна куќа Херодс во Лондон.

„Во меѓувреме знаеме дека чајната индустрија се‘ уште се чуди како ни успева да продаваме пет кесички за чај за осум евра“.

Необичните пронајдоци на Флоријан Бергер

Во една поранешна фабричка зграда, Флоријан Бергер околу себе собра 25 работници со кои секојдневно работи на развој и рекламирање на нови идеи. За него тоа е остварување на сонот. Еден вид лабораторија за духовити пронајдоци. Отсекогаш вака си го замислувал почетокот на работниот ден.

„Секогаш се обидуваме нештата да ги правиме малку поинаку, затоа и нашите визит-карти се тркалезни, затоа на мојата пишува ’Директор за можности’, или неможности. На тоа може секој да гледа како сака. Кај нашата госпоѓа која е одговорна за извозот, на пример, пишува ’Кралица на меѓународната продажба’. Така можете да забележите како реагира и другата страна, колку е убаво кога добивате мејлови со наслов Здраво кралице, или Здраво директоре за можности. Тоа се убави моменти“.

Многу од идеите, на Флоријан Бергер му се раѓаат дома. Доколку нешто им се допадне на неговите ќерки Ела и Хана, тоа често завршува и во каталогот.

„Детска количка, бебе, игралиште“.

Или мерач на висина, со кој родителите можат да ја мерат висината на нивните деца од раѓање додека не пораснат.

„За родителите во градинката на Хана, кога таа имаше четири години, јас бев пронаоѓачот, ќе речеа ’Пронаоѓачот го зема детето’. И потоа нормално во разговор со децата или родителите секогаш се споменуваше истото: ’Зошто не го направиш ова или она?’“

Бидејќи Флоријан Бергер и дома честопати мора да седи зад компјутерот, измисли и за својата 7-годишна ќерка детски лаптоп. Сега таа остава непречено да се работи на вистинскиот компјутер.

Флоријан Бергер не стравува дека некогаш ќе остане без идеи. Во својот живот, вели тој, има доволно инспирација.