Мобилниот телефон го слави 20-от роденден
30 јуни 2012Тешко дека некој друг пронајдок толку многу влијаел на начинот на живот на луѓето во нивното слободно време, но и за време на нивната работа. Да се биде постојано достапен за многумина се претвори во благослов, а за некои и во проклетство.
Првиот чекор кон ерата на мобилната телефонија е направен уште во 1982 година, кога телекомуникациските компании од 26 земји се договорија за стандардите за единствената мрежа и ја формираа „Groupe Special Mobile“, или скратено ГСМ. Потраја десет години додека на 30 јуни 1992 година тогашниот концерн Манесман, а еден ден подоцна и германскиот Телеком, да ја стават во функција првата комерцијална мрежа од тој тип.
Вртоглав пораст на бројот на корисници
За овие фирми тоа набрзо стана вносен бизнис. Манесман вложи околу милијарда тогашни германски марки (511 милиони евра), а тие пари во потполност се вратија за само две години работа. Муштериите тогаш мораа да платат многу пари за разговорите. Првите мобилни телефони, тешки и гломазни, на корисниците им се продаваа по цена од 2.495 до 3.190 германски марки. Минута разговор чинеше марка и половина, значи 12 пати повеќе од денес, кога за истата услуга во Германија се плаќаат шест центи за минута разговор.
Откако во првите години мобилен телефон купија само неколку стотина илјади Германци, пазарот за мобилни телефони нагло се разви, бидејќи започна продажбата на субвенционирани уреди, а цените на разговорите почнаа да паѓаат. Кон крајот на 2011-та година во оваа земја имаше 112 милиони договори за мобилни телефони, што е многу повеќе од бројот на жители, кој изнесува 88 милиони. Просечниот Германец годишно преку мобилен телефон разговара 42 часа и испраќа 700 СМС пораки.
Смартфоните – чекор напред кон информатичкото општество
Во минатите години нагло порасна продажбата на т.н. смартфони. Само оваа година ќе бидат продадени 18 милиони телефони од тој вид. Тие на корисниците им нудат поголеми можности, а меѓу останатото и за сурфање на интернет. Паралелно се гради следната генерација на мрежата на мобилна телефонија (ЛТЕ), која овозможува брзина на пренос на податоците до 100 мегабити во секунда – брзина што се добива на домашните приклучоци за интернет.
Промените што ги направи мобилниот телефон во општеството се видливи врз основа на анкета, која во април годинава ја направи агенцијата Форса. Анкетата покажа дека 60 проценти од младите попрво би се откажале од сексот, отколку од својот мобилен телефон. Речиси сите млади тешко дека без својот мобилен телефон воопшто можат да го испланираат одењето во диско или, пак, на концерт.
Благослов или проклетство?
И додека бројни родители се среќни што по пат на мобилен телефон можат да разговараат со децата, едно истражување нарачано од синдикатите ја покажа и другата страна на медалот – 60 проценти од работниците мораат да бидат достапни за шефот и во текот на нивното слободно време. За третина од нив тоа има и конкретна последица, бидејќи дел од работата мораат да ја извршуваат и дома или, пак, мораат да се јават на работа.
Научниците не успеаја да ја докажат причинско-последичната врска, но од стартот на масовната продажба на мобилните телефони во 1994-та година, за 80 проценти е зголемен бројот на боледувања, кои работниците ги земаат, поради психички проблеми. По 20 години од мобилниот телефон, се чини дека расте и потребата од одмор од него.