1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу драма, малку фудбал и Лионел Меси

28 април 2011

Најдобриот играч на светот ги постигна двата гола за Барселона во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите против Реал Мадрид, меч кој беше оптоварен со многу тактика, театар, остри фаули и исклучувања.

https://p.dw.com/p/115Is
Фотографија: dapd

Театарот од синоќешното трето може да се каже најнефудбалско продолжение на „Ел Класико“ во последниве неколку недели продолжува и по него. Тренерот на Реал Мадрид, Жозе Мурињо и повеќемина играчи остро ја критикуваа одлуката на германскиот судија Волфганг Штарк да му додели црвен картон играчот Пепе за остриот старт над дефанзивецот на Барселона, Дани Алвес, која според нив биле пресудна за крајниот исход на мечот. За волја на вистината, навистина дури по тоа исклучување можеше да се види малку фудбал на мечот, се разбира во најголем дел од страна на Барселона, на која и успеа со головите на фантастичниот Лионел Меси да му се реваншира на Реал Мадрид на неговиот Сантијаго Бернабеу за поразот во финалето на Купот на Шпанија. Претходно натпреварот минуваше во знакот на остри фаули, многу глума, ретки напади и речиси без работа за голманите. Впрочем најмногу работа имаше судијата Штарк.

Spanien Fußball Champions League Real Madrid gegen FC Barcelona
Фотографија: dapd

Шансите за финале на Реал сега само теоретски

Најостар во критиката за неговиот удел во мечот вообичаено беше Жозе Мурињо кој дури изрази сомневање дека УЕФА меша прсти во победите на Каталонците: „Барселона е фантастичен тим, и не ми е јасно зошто на еден тим што е толку добар, му треба дополнителна подршка, која е очигледна. Прашањето е зошто судијата Овербо во 2009 не досуди серија пенали за Челзи на дуелот против Барселона и зошто Робин ван Перси од Арсенал беше исклучен на осмина-финалниот дуел со каталонците. Лани само благодарение на чудо Интер со 10 играчи успеа да избори пласман во финалето“, рече Мурињо додавајќи дека доколку каже пред УЕФА се’ што мисли неговата кариера ќе заврши.

Барселона преку соопштение на својата интернет страница порача дека преку својата правна служба ќе процени какви ќе бидат следните чекори и дали ќе покренат постапка пред УЕФА за обвинувањата на Мурињо. Тренерот Гвардиола пак по мечот изјави дека тимот направил голем чекор напред кон финалето на Вембли во Лондон. Со оглед на доминантноста на Каталонците на домашниот стадион Камп Ноу, шансите на Реал за некаков успех на реваншот на 3 мај се само теоретски.

Spanien Fußball Champions League Real Madrid gegen FC Barcelona
Фотографија: dapd

Битка за завршницата во Даблин

Со двата натпревара во Португалија, вечерва од 21 часот почнува битката за финалето во Лигата на Европа што на 18 мај ќе се одигра во Даблин.

Три португалски екипи и Виљареал од Шпанија во полуфиналните пресметки ќе одлучат кои две екипи ќе играат на завршниот натпревар.

Шпански Виљареал ќе се обиде да го повтори успехот на Атлетико Мадрид, кој лани победи во ова натпреварување на УЕФА, но „жолтата подморница“ ќе мора да мине две екипи од Португалија. Првиот ривал им е Порто, а во првиот натпревар гостуваат. Во второто полуфинале во „португалската пресметка“ Бенфика во Лисабон ја поречекува Брага. Реваншите се предвидени за 5 мај.

Автор:СН/ ЖА/ ртр/ афп/ миа

Редактор: Александра Трајковски