1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многујазичноста да се поттикнува, а не да се попречува

9 октомври 2010

Во двојазичните региони образовните политики треба да го воведат учењето на јазикот на општествената средина уште од најраната возраст - основен акцент од симпозиумот одржан на Штуловиот универзитет во Тетово.

https://p.dw.com/p/Pa43
Фотографија: Petr Stojanovski

„Изучувањето и познавањето повеќе јазици во мултиетничките општества во Европа и пошироко треба да бида поттикнувани со мерките на официјалните државни и образовни политики, како еден од суштинските предуслови за похармонично функционирање на тие општествени заедници. Во двојазичните региони образовните политики треба да го воведат учењето на јазикот на општествената средина уште од најраната возраст, додека за малцинските јазични, етнички и културни идентитети треба да се востановат мерки за нивна целосна заштита и хармоничен развој“ – ова се дел од основните акценти од излагањата на дводневниот научен симпозиум на тема „Концепти и последици на многујазичноста во Европа“, одржан на Штуловиот универзитет во Тетово во изминативе два дена.

Франкофонскиот Квебек како позитивен пример

Магдалена Дембинска, професорка на Одделот за политички науки на Универзитетот во Монтреал, Канада, го истакнува следниот конкретен пример во канадската доминантно франкофонска провинција Квебек: „Во основните училишта на француски јазик, англискиот се учи како втор уште од второ одделение, на возраст од осум години. Во училиштата каде што наставата се изведува на англиски како главен, таму фанцускиот се воведува како втор, дополнителен, исто така, од второ одделение. Во двата случаја со по еден час неделно. Родителите и учениците го имаат прифатено ова без проблеми.“

Дембинска дополнува дека во Квебек, сепак, има одделни политички партии со француски етнички предзнак, кои се спротивставуваат на воведувањето на англискиот на таа рана возраст, сметајќи дека него децата во француските училишта треба да го изучуваат дури на возраст од 12 или 14 години.

Клара Сјо, професорка од Норвешка, посочува дека, иако нејзината земја е официјално еднојазична, со доминантна норвешка популација, сепак, малите деца уште од 6-годишна возраст започнуваат, покрај мајчиниот, да го учат како основен англискиот, а во одделни случаи, според избор на родителите, и шведскиот јазик, како дополнителен трет јазик.

Сјо додава: „Мислам дека два, или три јазика, се максимумот на тоа стартно ниво во образованието, во градинките. Нема проблеми околу двојазичноста, или тријазичноста. Не. Нема проблеми.“

„Рамноправни граѓани – со познавање на официјалниот јазик на државата во која се живее“

Mazedonien Land und Leute Tetovo
Со познавање на официјалниот јазик до повеќе шанси во општествотоФотографија: Petar Stojanovski

Тибр Пап, припадник на унгарското нациоално малцинство од Војводина, Република Србија, сега докторант на политички науки на Универзитетот во Сегедин, во Унгарија, истакнува дека оние Унгарци, кои немале можност целосно, или добро да го научат официјалниот јазик на државата - српскиот јазик, како во регионот на Бачка, „се соочуваат со повеќе проблеми во секојдневниот живот, почнувајќи од вработувањата’. Оттука, според Пап, „припадниците на помалите етникуми треба да го совладаат официјалниот јазик на земјата во која живеат, ако сакаат да станат нејзини рамноправни граѓани“.

Тој дополнува: „Тоа ќе им донесе плус што ќе го имаат, ако ова не изостане. Без тоа тие ќе бидат принудени или да останат во селските краишта, или дури и да емигрираат во матичните држави“

Букуроше Исуфај од Одделот за странски јазици на Универзитетот во Валона, во Република Албанија, директно го коментира залагањето на македонскиот министер за образование Никола Тодоров децата од албанската и другите етнички заедници да го учат македонскиот јазик уште од првото одделение во основните училишта: „Тоа е погрешен модел и затоа е одбиен. Да беше добар, ќе беше прифатен. Во сите земји учат на нивниот јазик. Тоа е природно.“

На кој начин може да се постигне суштинска интеграција на албанската етничка заедница во оние региони во Македонија, каде што тие живеат како мнозински дел од тамошната демографска структура, но, каде што во одделни случаи и не чувствуваат потреба за познавање на македонскиот јазик? Како Македонија да се изгради како мултиетничко и повеќејазично општество, без да се повлекуваат внатрешни етнички линии, кои можат да претставуваат закана за распаѓање на земјата?

„Потребни се слобода на зборот, слобода на јазикот“

Букуроше Исуфај вака одговара на овие прашања: „Потребни се слобода на зборот, слобода на јазикот, оти јазикот е она што го определува идентитетот на еден народ. Каде постои мултикултурализам, без правото на употреба на сопствениот јазик? Елиминирањето на јазиците не им донесува добро на народите.“

Јос Сваненберг од Одделот за изучување јазици и култури од Универзитетот во Тилбург, во Холандија, има сличен одговор на прашањето како да се интегрираат малцинските етнички заедници во мултиетничките општества, какво што е и македонското. Тој истакнува: „Во еден билингвален регион двата јазика на двете етнички групи треба да бидат во употреба. Во Холандија, која што е еднојазична земја, јазиците на различните малцинства, дојдени како емигрантски, постојано се во употреба во семејствата, на телевизијата. Тоа и се стимулира.“

Овој научен симпозиум на Штуловиот универзитет беше организиран заеднички со една истражувачка група од Универзитетот во Амстердам, Холандија, како продолжение на таква научна конференција одржана во септември 2009 година во Будимпешта, во Унгарија.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Трајче Тосев