1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ММФ стравува за опоравувањето на светската економија

25 јануари 2012

ММФ ја коригира надолу својата прогноза за економскиот развој поради тензиите во еврозоната. Европа мора да смета со блага рецесија, велат експертите од ММФ.

https://p.dw.com/p/13pD9
Оливие БланшарФотографија: picture-alliance/dpa

ММФ смета дека е загрозено опоравувањето на светската економија. Поради тоа ја намали својата прогноза на економскиот раст во однос на последното предвидување од септември 2011-та година за тричетвртини процентни поени, на 3,25 насто.


„Тоа се должи главно на очекуваната блага рецесија во еврозоната во тековнава година“, изјави главниот економ во ММФ, Оливие Бланшар, во Вашингтон. Но, се очекува и забавување на досега огромниот раст во земјите во засилен стопански развој, смета Бланшар, поради влошувањето на надворешните околности и надворешната побарувачка.


„Глобалното опоравување стагнира, ризиците за надолен тренд растат“, гласи актуелизираната прогноза на ММФ за светската економија. Виновникот е исто така детектиран-должничката криза во еврозоната.


„Непосредниот политички предизвик е повторно воспоставување на довербата на пазарите во еврозоната и окончување на кризата“, вели Бланшар.


Еврозоната е пред предизвици

Тој гледа две кочници за развојот во еврозоната. Многу држави се принудени на санирање на буџетите и отплаќање на долговите, но тоа може да го задуши економскиот раст. Но, не сите евро-држави се во иста ситуација, некои се во поповолна положба и треба да бидат повнимателни во консолидирањето за да не ја загрозат конјуктурата.


Второ, банките мора да станат поотпорни на кризи и да го зголемат сопствениот капитал. Но, тоа не смее да се направи со ограничување на давањето кредити, напротив, мора да се преземе се‘ да се спречи кредитен застој заради спречување последици по реалното стопанство. За таа цел Европската централна банка треба да продолжи со ставањето на располагање доволно ликвидни средства и со купувањето државни обврзници, предупредува ММФ.
За САД ММФ предвидува скромен развој од само 1,8 проценти, додека во еврозоната тој ќе биде околу половина процент. Тоа ќе има последици и врз земјите во економски подем, вели главниот економ Бланшар: „Тие се веќе погодени. Кога се парализира стопанството во индустриските земји, опаѓа и трговијата со земјите во економски подем, тие можат да вршат помал извоз“.
Кон тоа се надоврзува и финансиската несигурност: „Земјите во економски забрзан развој се борат со променливи приливи на пари, тоа нема да има катастрофални последици, но проблемот доаѓа“.


Развојот нема алтернатива

Земјите во економски развој, според ММФ, во просек ќе имаат раст од 1,5 проценти оваа и идната година. По големите резови по кризата од 2009-та година тоа е премалку за успешно справување со невработеноста, вели Бланшар: „Потребен ни‘ е поголем развој, без него не можеме многу против невработеноста. Можеме само да ја ублажуваме, а што е особено важно, да ги поддржуваме долгогодишните невработени. Но, мораме да бидеме реални - силниот развој е единствениот излез“.

Автор: Ролф Венкел/ Жана Ацеска
Редактор: Александра Трајковска