1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младиќ под лупа - злосторник или естрадна ѕвезда?

Самир Хусеиновиќ/Жана Ацеска12 декември 2012

БИРН ги анализираше извештаите за апсењето и почетокот на судењето на Ратко Младиќ и заклучи дека многу медиуми ги занемариле професионалните стандарди.

https://p.dw.com/p/170RA
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Се прашував, како некој кој важи за злосторник може да биде естрадна ѕвезда“, изјави директорката на Фондацијата Конрад Аденауер Сабина Волкнер на промоцијата на публикацијата „Младиќ под лупа: злосторник или естрадна личност“. Дека тоа е можно, се уверија и новинарите на БИРН (Балканска истражувачка мрежа), анализирајќи како регионалните печатени медиуми го следеа апсењето и почетокот на судењето на Ратко Младиќ.

„Во многу случаи се испостави дека границите етички беа неважни и дека беше битен само тиражот. Мнoзинството медиуми го избегнува сериозното новинарство и преферира сензационализам. Сензационализмот е само инструмент со чија помош треба да се прикрие нешто друго, дека процесот на соочување со минатото во државите од регионот е уште на самиот почеток“, вели Сабина Волкнер.

Berichterstattung Medien in Sarajevo über Ratko Mladic
Анализа на известувањето за МладиќФотографија: DW/Samir Huseinovic

Живот во паралелни светови

Одговорноста за тоа во голема мера ја сносат српските власти, смета уредничката на публикацијата, Гордана Игриќ.

„Доколку во демократската власт во Србија имаше повеќе расположение да се отвори прашањето за настаните во деведесеттите години, ќе беше полесно и за другите да прифатат дека постоеја некои злосторства, а вака останавме заробени во некои паралелни светови“, вели Гордана Игриќ.

Известувајќи за апсењето и почетокот на судењето на Ратко Младиќ многу регионални медиуми го запоставија професионалниот однос кон жртвите, потсетува историчарот Христијан Нилсен.

Berichterstattung Medien in Sarajevo über Ratko Mladic
Сабине ВолкерФотографија: DW/Samir Huseinovic

„Занимливо е она што го согледуваме во историографијата на холокаустот и оваа војна, дека постојано зборуваме за ентитетот на настраданите, со што всушност ја прифаќаме категоризацијата која ја направиле извршителите кои ги убиле, а тоа се гледа и во медиумите“, вели Нилсен.

Во Србија Младиќ како естрадна личност

Во српските медиуми повеќе се пишуваше што појадувал Младиќ во Хаг отколку за обвинувањето кое го товари за најтешки воени злосторства. Таквото известување е одраз на неможноста на државата и граѓаните да се соочат со она што Младиќ во 90-те години го изврши во нивно име, тврди новинарката Марија Ристиќ.

„Ако се прашуваме дали Ратко Младиќ во Србија беше воен злосторник или естрадна личност, тогаш дефинитивно можеме да кажеме дека тој беше естрадна личност“, истакнува Ристиќ.

Интересот за Ратко Младиќ во хрватските медиуми опадна штом се покажа дека тој нема да биде осуден и за злосторствата во оваа земја, изјави новинарот Борис Павелиќ, нагласувајќи ја промената на перцепцијата за Хашкиот трибунал во Хрватска по ослободителните пресуди за Анте Готовина и Младен Маркач.

„До 16. ноември тоа беше најлошиот суд на светот, а оттогаш за Хрватска Хашкиот суд е најдобар на светот“, вели Павелиќ.

Berichterstattung Medien in Sarajevo über Ratko Mladic
Христијан НилсенФотографија: DW/Samir Huseinovic

Медиумски поделена БиХ

Медиумите во БиХ различно известуваа за апсењето и почетокот на судењето на Ратко Младиќ. Во Федерацијата БиХ многу повеќе се пишуваше за обвинението против Младиќ, а значаен простор им беше посветен и на жртвите, додека медиумите во Република Српска главно известуваа за тоа дека „Младиќ од прагматични причини“ заврши во Хаг, вели уредничката Бирна Ерна Мачкиќ.

„За медиумите во РС е специфично тоа што речиси не можеше да се прочита ниедна изјава на жртвите од Сребреница, Сараево или кој било друг град во БиХ кој се споменува во обвинението против Младиќ“, вели новинарката Ерна Мачкиќ.

БИРН анализирал 2.300 тектстови за Младиќ. На промоцијата беше речено дека различните реакции на Србите и Бошњаците уште еднаш покажуваат „болна подвоеност во државата“. Беше укажано и на значењето на Хашкиот суд во процесот на помирувањето во регионот, но и на одговорноста на локалното правосудство во процесуирањето на предметите за воените злосторства.