1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите и го вртат грбот на Португалија

Јохен Фагет/ Зоран Јордановски22 јули 2012

Перосечно во еврозоната секој петти под 25 години нема работа. Особено лоша е ситуацијата во Португалија. Таму 45 проценти од младите неможат да најдат работа. Некои веќе ја напуштаат земјата.

https://p.dw.com/p/15Osk
Фотографија: DW/Guilherme Correia da Silva

Бартоломеу Паеш талка низ квартот Баиро Алто во стариот дел на Лисабон. Невработениот 23-годишен актер не го интересира ниту панорамата на градот, ниту насловите во весниците, туку само огласите за работни места. Денес има само четири. Во Португалија нема работа, уште помалку за млади уметници.

„Пријатели од театарот ми рекоа дека состојбата на културната сцена е многу тешка. Ако не биде преземено нешто, ако не се најдат решенија за проблемите, сите големи и угледни театри во земјата и во Лисабон ќе мораат да стават клуч на врата поради недостиг од пари. Перспективите се многу лоши“, вели Паеш.

Не само за културата - Португалија е во длабока финансиска криза и мора да штеди на сите страни. Но, наместо подем, ветуван од политичарите, земјата доживува длабока рецесија, бројките на невработеност растат за еден до два процента месечно, достигнат е нов рекорд.

Фасадите се ронат, се’ повеќе продавници се затворат, и тоа не само во Лисабон. Португалската економија е на дното и ништо не ветува дека тоа ќе се промени во наредниот период.

Бартоломеу веќе два месеца нема добиено ни најмала споредна улога. За ситуацијата тој дискутира со својот пријател Жоао Лабринча, невработен стручњак за социјални науки, кој пред една година преку интернет успеа да донесе половина милион млади на улични протести. Сепак, ни нему никој не сака да му даде работа.

„Но јас уште не ја загубив сосем надежта. Не сакам да се иселам, како што тоа го прават сега толку многу млади. Мислам дека уште можам нешто да направам за мојата земја. Но, веќе не верувам дека владата ќе преземе нешто. Тоа морам да го сторам јас самиот“, подвлекува Лабринча.

Proteste in Portugal
И покрај протестите младите во Португалија и натаму без работаФотографија: DW/Guilherme Correia da Silva

Бартоломеу, напротив, ќе го напушти родниот Лисабон и во јули ќе оди во Лондон. Пред операта, местото во кое тој ја играше својата прва мала улога, се среќава со Кристина, некогашна колешка од студиите, за да и’ ја соопшти својата одлука. „Овде не гледам никаква иднина“, и’ објаснува тој на својата тажна пријателка. „Купив авионска карта во една насока, сакам таму да останам и да работам - како редар в театар или келнер во паб, било што. Морам да живеам во место во кое ќе можам да се докажам и во кое културата и уметноста се респектирани“.

Време е за разделба. Последно гушкање и потоа нивните патишта се двојат. Додека Бартоломеу ќе си ја побара среќата во Англија, Кристина и натаму се надева дека ќе најде работа во Португалија - иако шансите не и’ се многу големи.