Ми рече „бабо“ и ми влезе во срцето
27 јули 2019Фатима, Ломена и Али избегале од Ирак со мајка си. Во Германија немале други членови на семејството или пријатели. Но, нашле баба и дедо - Германци.
Гиза Михаелис и нејзиниот сопруг се „баба и дедо волонтери“. Со семејството од Ирак се сретнале пред три години, преку проект во Берлин.
Гиза Михаелис се сеќава:
„Испивме чај и кафе, изедовме по некое колаче и заедно ја исчистивме масата. Беше навистина слатко кога најстарата ми рече: 'Извини бабо, заборавив како се викаш.' Беше убаво. Тоа ме трогна толку, што веднаш ја засакав.“
Децата оттогаш ја викаат „бабо“. Таткото на децата е се' уште во Ирак. Новото германско семејство им помага да излезат на крај со тоа. Германските баба и дедо се олеснување и за мајката, Лајла Алобаиди:
„Ми помагаат за сѐ. Ми помагаат со децата, со административни работи и околу училишните средби.“
Децата со своите „баба и дедо“ се среќаваат најмалку еднаш неделно. Тие немаат свои внуци, па сепак...
„Дури и ако моите сопствени деца еден ден имаат деца, не можеме да го прекинеме овој контакт, овој однос. Тие во меѓувреме се дел од нашето семејство и ние од нивното, вели Гиза. Таа и сопругот не можат да си го замислат животот без ирачките внучиња.