1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Мијалков: Квадратурата на моќта и падот

22 ноември 2018

Неговиот татко доби улица во Скопје, а тој затворска ќелија. Човекот на кој само небото му беше граница, кариерата ја привршува во простор „два на два“, каде првото интроспекциско прашање би било: вредеше ли сето ова?

https://p.dw.com/p/38hb4
Mazedonien Sasho Mijalkov Geheimdienstchef
Роднини и партнери - Сашо Мијалков и Никола ГруевскиФотографија: DW/P. Stojanov

Цела деценија само небото му беше граница. Моќта почна да ја гради врз сентиментот дека е син на првиот министер за внатрешни работи во независна Македонија, Јордан Мијалков. Ја зацврсти како прв братучед на деценискиот премиер Никола Груевски и ја зацементира како децениски директор на тајната полиција. Откако СЈО го товари со неколку обвиненија и нова истрага, и откако за првпат заврши во притвор, како да се потврди неговата омилената изрека - „каменот од блиску доаѓа“. Персонификација на „каменот“ денес може да се смета и самиот тој (со свој камен по своја глава), како свој „камен“ може да го смета и бегството на Груевски, но, пред се, оној „камен“ кој денес испливува од разни сметки и бизниси со кои го тенчеле државното конто на Македонија.

Почетоците на Мијалков не навестуваа дека еден ден тој ќе стане синоним за неограничена моќ. Роден е пред 53 години во Скопје, на „15 септември“, денот кој ВМРО-ДПМНЕ подоцна го претвори во синоним за неисполнетите предизборни ветувања на Црвенковски од 2002 година - дека ќе вработи по еден член од секое семејство. Тој своето прво вработување го реализираше неколку години претходно. Со диплома од Економскиот факултет во Прага, со тамошна магистратура во областа на бизнис администрација (1994) и со диплома од Економскиот факултет на УКИМ (1998), кариерата ја започна - во безбедносните структури! Од 1998 до 2000 година беше помошник-министер за одбрана и безбедносно разузнавање во Министерството за одбрана, од 2000 до 2001 година советник на министерот за одбрана, а до 2003 година државен советник за безбедносни прашања во Владата. Функцијата директор на Управата за безбедност и контраразузнавање ја извршуваше од 29.08.2006 година се до 12. 05. 2015 година, кога си поднесе оставка по „малата војна“ во кумановско „Диво насеље“.

Многумина тогаш сметаа дека сопругот на познатата македонска балерина, Александра Мијалкова, тој ден ја спуштил завесата на неговата сцена. Сепак -не! И потоа остана моќен играч во партијата, во бизнис круговите поврзани со него, во креирање на тактиките за релативизирање и одбрана од опозициските „бомби“, клучен во изборот на Христијан Мицкоски за партиски наследник на неговиот братучед и ред други внатреапартиски „дребулии“.

Mazedonien nach den Kämpfen in Kumanovo Saso Mijalkov
Сашо Мијалков на погреб на загинат полицаец во „малата војна“ во Куманово, 2015. годинаФотографија: Reuters/M. Djurica

Луѓе за следење

Неговиот збор зад јавната сцена дрмаше и во партијата и во државата цели десет години, наспроти апсурдот дека единственото интервју кое го беше дал во неговата кариера е можеби она од ноември 2013 година за „Дневник“. Во него, на новинарската забелешка дека безбедносните служби претходно биле како „швајцарско сирење“, тој ја пофали соопствена улога во надминувањето на таквата состојба.

„Тоа што го затекнавме во 2006 година беше во најмала рака срам и вџашувачко. Никаков систем на кариера, застарена организациска поставеност, централизираност и оддалеченост од граѓаните. Како некој намерно да сакал да ги девалвира службите, а преку нив да ја влоши и позицијата на земјава. На ниво на цело МВР имаше помалку 500 компјутери, а се уште се возеа автомобили 'застава 101' и 'голф2'. Целосно го обновивме возниот парк, набавивме 4 хеликоптери, реновиравме полициски станици, го имплементиравме проектот 'Безбеден град', воведовме 24-часовен видео надзор на сите гранични премини, го инсталиравме ТЕТРА - системот, инвестиравме милион евра во крим-технички лаборатории и реализиравме уште многу проекти и реформи во системот. Разликата е повеќе од очигледна“, изјави тогаш Мијалков.

Кумановските настани го вратија вкусот на „швајцарското сирење“, истрагата за настаните од 27-ми април откри дека ТЕТРА-системот воопшто не работел, а идиличната слика за состојбите во МВР уште две години претходно лично ја демантираше министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Во една од „бомбите“ таа се пожали дека полицајците немаат униформи, дека спијат на ќебиња со ознака „ЈНА“, а заедно со Мијалков се согласија и дека „немаат кадри ни за леталата, ни за хеликоптите, ни за техниката“.

„Види Горде, од УБК одат многу луѓе у пензија, оперативата ни е многу опадната, а работата т.е обемот на работа многу зголемен... Ние мораме да направиме оператива, што значи, мене едно 100 души за УБК ќе ми требаат само за оператива, да знаеш... Од следење ни отидоа луѓе, од репродукција ни отидоа луѓе, значи неопходни ни се луѓе, не можеме да работиме...“, се жалеше Мијалков.

Но, се покажа дека „кадрите за следење и репродукција“ навистина биле неопходни. Мега-операцијата во која над 20.000 граѓани биле назаконски прислушкувани, откри врз какви методи Мијалков и неговиот братучед ја градале нивната моќ, како се спроведувало преземање бизниси, уценување, политички монтирани процеси, пресметки со политичките опоненти, сето тоа зачинето со наводен патриотски имиџ „сѐ за народот, сѐ за Македонија!“.

Mazedonien Sasho Mijalkov Geheimdienstchef
Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и МијалковФотографија: DW/P. Stojanov

Кој беше повлијателен?

Генерално, Мијалков беше сметан за личност со големо влијание врз помладиот братучед Никола. За таа улога говори и дописот што го откри Викиликс испратен до Вашингтон од американскиот амбасадор во Скопје, Филип Рикер, во август 2009 година. Само една година откако во 2008 влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, му се пожалил на Рикер: „Премиерот Груевски е многу млад и неговата младост се одразува врз одлучувањето“.
Рикер во дописот додал: „Ахмети е загрижен дека Мијалков има контакти и желба да ги провоцира тврдите албански елементи во Македонија да создаваат проблеми, кои Мијалков може да ги искористи за да оправда поширока акција против албанската етничка заедница“.

За влијанието на Мијалков врз Груевски се ширеа многу митови. Во озборувачките верзии за тоа „кој кому врзал шлаканица“, најчесто Мијалков беше претставуван како посилниот. Но, извори блиски до двајцата, тврдеа дека меѓу нив не само што има цврста врска од роднинска природа, туку тие постојано се договараат и координираат. Па дури и да оставаат јавен впечаток дека не се согласуваат, тоа сигурно е дел од нивен договор, со точно утврдена цел. И додека Мијалков го следеше имиџ на мангуп, љубител на луксузни автомобили, на патувања до егзотични дестинации и бонвивански начин на живот, човек поради кој се затвораа кафеани за да може да се забавува во целосна дискреција, Груевски градеше имиџ на работник 24/7. Она што протече меѓу овие два „профила“, беа голем број индиции за создавање богато бизнис портфолио. Мијалков стана синоним за успешни фирми во повеќе оф-шор дестинации, затскриени зад разни имиња од новата вмровска олигархија, но и во Чешка, каде неговите први бизниси од 1995 година наводно доживуваат невидена експанзија. Истрагата допрва треба да утврди дали една цела резиденцијална населба во Прага со околу 300 луксузни објекти и „сончево“ име, е дел од неговото богатство затскриено зад туѓи имиња и компании.

Повеќе: 

Груевски го „притвори“ и братучедот Мијалков

СЈО ја гони „империјата“ на Камчев и Мијалков за злосторничко здружување

Чистка во ВМРО-ДПМНЕ: исклучени Мијалков и Тодоров, разрешени Јанчев и Богданов

Неговата улога во изборот на судии обелоденета преку „бомбите“, покажа зошто никој не се дрзнал да се занимава со неговите сомнителни бизниси. Кога заменик-претседателка на тогаш опозициската СДСМ, Радмила Шеќеринска, го повика да одговори за неговите бизниси, тој реплицираше: „Нема никаков сомнеж за мое противзаконско работење во Македонија и во странство. Нема ниту конфликт на интереси. Законот не забранува функционер претходно да поседувал приватен бизнис“.

Неистражени останаа и  обвинувањата на Љубе Бошкоски во 2011 година.

„Огромни суми на пари со авиони на Чех Ерлајнс се изнесуваат од Македонија и завршуваат во една чешка банка“, обвини лидерот на Обединети за Македонија. СДСМ тогаш, презентираше документи, според кои, Мијалков во период од помалку од две години 16 пати бил во Прага на државна сметка. Партијата покажа фактури од скопскиот аеродром адресирани до МВР, кое ги платило услугите на ВИП-салонот користен од Мијалков пред и по летовите. Владејачката партија одговори дека тврдењата на опозицијата имаат цел лично да го дискредитираат Мијалков со „манипулации и стопати повторени инсинуации“!

По една деценија живот заштитен под панцирот на власта и моќта, тој лагоден и раскошен период за Мијалков е на почеток на својот крај. Неговиот татко доби улица во Скопје, а тој ќелија од неколку квадрати. Човекот на кој само небото му беше граница, кој ни самиот не може да преброи со колкава квадратура на станбени објекти располага во Скопје и во странство, сопствената кариера ја привршува во ќелија широка „два на два“, место каде првото интроспекциско прашање би било: вредеше ли сето ова?