1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски ја условува средбата со Ковачевски

ДТЗ
13 јануари 2022

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ бара на средбата да се разговара за предвремени избори. Од владејачката партија му порачаа дека избори нема да има.

https://p.dw.com/p/45TbS
Nord-Mazedonien Skopje | Kommunalwahl Hristijan Mickoski
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ќе прифати покана за средба со новиот лидер на СДСМ и мандатар, Димитар Ковачевски, под услов да се разговара за предвремени избори, за содржината на одговорите доставени до Софија и за борбата против криминалот и корупцијата. Од СДСМ му возвратија дека избори нема да има. 

Ковачевски синоќа (12.01.2022) во интервју за Телма изјави дека по изборот на новата влада ќе упати покана до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за средба на која ќе се разговара за актуелните прашања, како и да се изнајде решение за закони од интерес на граѓаните.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, на прес-конференција во Собранието, рече дека покана за средба сè уште не стигнала до ВМРО-ДПМНЕ, но доколку стaса, ќе биде прифатена под неколку услови. Првиот услов е на средбата Ковачевски-Мицкоски да се разговара за предвремени избори како единствено логично решение за излез од сегашната длабока криза во која што се наоѓа државата. Опозицијата бара да се разговара и за содржината на одговорите кои С. Македонија ги има дадено до официјална Софија на нивно барање по формулата 5+1, а за коишто, според нив, ниту јавноста ниту Собранието не се запознаени.

„Исто така, да се разговара и за зголемени ангажмани за борба против криминалот и корупцијата. Македонија и во регионот и во Европа е на најниското 111-то место на индексот за борба против корупција“, вели Милошоски.

СДСМ порачува дека избори нема да има 

Но, од СДСМ сметаат дека Мицкоски не ја разбрал или не сакал да ја разбере суштината на поканата за средба. „Во ек на економска криза кога лидерите во светот зборуваат за поддршка на граѓаните, тој поставува услови за средба само ако има предвремени избори“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Според партијата, избори нема да има. „Треба да се посветиме на надминување на економските предизвици и финансиска поддршка на граѓаните.За тоа треба да разговараме и заедно да гласаме во Собранието за овие приоритетни теми.Избори значат нов трошок, нова неизвесност и нов застој на целата економија.Покрај ова, новата владата предводена од СДСМ и Димитар Ковачевски има полн капацитет и целосен легитимитет да го истера мандатот до крај, односно до 2024 и оттаму избори не се во план“, велат од СДСМ.