Митови за прехранбените намирници - што е вистина, а што лага?
Дали е кафето добро или лошо? Дали маргаринот е поздрав од путерот? Она што денес е познато како многу здраво, утре може да биде многу штетно - и обратно. Под лупа ставивме дел од „митовите за прехранбените намирници“.
Дали се’ уште ви се јадат колачиња од цимет?
Циметот не е здрав! Една од неговите состојки, кумарин, во високи концентрации може да предизвика оштетувања на црниот дроб и бубрезите. Ако малку подобро разгледате околу себе, ќе пронајдете бројни намирници кои, според актуелните научни истражувања, е подобро е да се избегнуваат. Но, тие може да се променат многу брзо.
Црн отров или волшебен напиток?
„Кафето предизвикува рак“; „Кафето е штетно за нервите“; „Да се пие многу кафе не е добро за метаболизмот“ - накусо: кафето е нездраво. Тоа убедување владееше долго. Денес знаеме дека кафето е многу подобро од гласот кој го следи. Се верува дека дури може да спречи и некои видови на рак.
Во виното е вистината?
Алкохолот е дефинитивно нездрав, но црното вино содржи многу чудотворни молекули кои се познати како многу здрави, на пример ресвератрол, природен антиоксиданс на кој му се припишува позитивното дејство на работата на крвниот систем, зајакнување на имунолошкиот систем, па дури и забавување на процесот на стареење. Се препорачува една чаша вино дневно. Но, само една!
Путер или маргарин?
Веќе пред неколку години, медицинските стручњаци почнаа да не’ советуваат наместо путер да користиме маргарин, бидејќи тој содржи помалку заситени масти отколку путерот. Други пак, не’ предупредуваат дека маргаринот е нездрав, бидејќи е неприроден производ полн со хемија, бучкуруш кој настанал во лабораториите на прехранбената индустрија. И во едното и во другото има вистина.
Природен непријател?
Ако некој умре од инфаркт, се знае кој е главниот виновник - холестеролот. Конечно, тој е оној кој ги затнува крвните садови. Како големи „холестеролски бомби“ се познати јајцата, сирењето и црвеното месо. Но, на човечкото тело му треба холестерол и згора на тоа, сам го произведува. Освен тоа, постои „добар“ и „лош“ холестерол. Денес, некогашниот „злосторник“ е веќе прилично рехабилитиран.
Отров од супа во кеса?
Глутамат - засилувач на вкус познат како опасен, не само затоа што прехранбената индустрија со него сака да „ги нашминка“ нискоквалитетните производи, туку и затоа што, наводно, може да предизвика „синдром на кинески ресторан“, заболување кое наводно се манифестира со симптоми како потење, треперење и вкочанетост. Чудно е што ниедна контролирана студија не успеала да докаже постоење на тој синдром
Мит од замрзнувачот?
Многу луѓе и денес се’ уште се држат настрана од замрзнатиот зеленчук. Затоа што се зборува дека тоа има помалку витамини од свежиот зеленчук. Но, всушност, е обратно. Замрзнатиот зеленчук е побогат со хранливи и здрави состојки - ако веднаш откако е набран адекватно се замрзне и не лежи со денови во кутии. Но, кога ќе се прошири некоја гласина, тешко е да се уништи.
Во рибата е спасот?
До неодамна се веруваше дека омега-3-масните киселини можат да бидат заштита од речиси сите болести: рак, заболувања на срцето и крвотокот, дури и од пореметување на концентрацијата и депресија. Медицинските стручњаци советуваа секој ден да голтаме по една капсула со тој чудесен еликсир. Во меѓувреме знаеме дека заситените масни киселини се важни за некои метаболички функции, но не се чудотворни.
Премногу добро може да биде лошо?
Витамините ни се потребни за живот. Пред се’ потребен ни е витамин Ц, кој не’ чува од настинки и вирози. Значи, кој сака да биде поздрав, мора секој ден да пие по една витаминска таблета. Но, тоа студиите не успеале да го докажат. Згора на тоа, во меѓувреме се верува дека витаминските таблети можат да му наштетат на организмот. Така барем се мисли денес. Што ќе биде утре...
Колку повеќе пиеш, толку поздрав ќе бидеш?
Мајката природа смислила една супер работа: кога нашето тело има потреба од течности, чувствуваме жед. Но, тогаш некој се досетил на теоријата дека треба да пие и пред тоа. Најмалку три литри течност дневно. Таа можеби влече корени од сознанието дека многу луѓе во староста го губат чувството за жед. Но, кај многу луѓе тој се’ уште многу добро функционира.
„Био“ значи секогаш подобро?
Кога она што го јадеме содржи премногу хемија, тогаш био-производите се вистинска алтернатива - без пестициди и штетни хемиски супстанции. Или барем со помалку, за разлика од конвенционалните производи. Но, студиите покажуваат дека био-намирниците не се нужно побогати со здрави состојки или подобри за нашето здравје. Само едно е сигурно - поскапи се.
Рецепт за здравје - умереност
Покрај митовите кои не’ следат во животот и многуте предрасуди, исхраната и начинот на живот се важни за здравјето. Статистиките покажуваат дека пушењето, алкохолот, дебелината и недоволно вежбање се најголемиот непријател за здравјето. Но, текстовите кои демонизираат одредени намирници, а други пак ги креваат до небо, треба секогаш да се земаат со резерва. И да не се претерува - во ништо.