1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мировниот процес доведен под прашање

26 септември 2005

Ситуацијата на Блискиот исток се заостри во изминатите денови

https://p.dw.com/p/AcCQ
Израелска офанзива против Палестинците
Израелска офанзива против ПалестинцитеФотографија: AP

Израелската армија започна и одмазднички воени акции и масовни апсења, откако радикални Палестинци истрелаа повеќе ракети врз израелска територија. Израел се закани со повторно навлегување во палестинските територии во појасот на Газа, што целосно ги напушти пред две недели.

Радикалната палестинска организација Хамас најави дека веднаш ги запира нападите со малите ракети „касам“ врз израелска територија. Хамас исто така ќе ги запре и сите други операции во појасот на Газа насочени против Израел, соопшти претставник на таа организација. „Ги повикуваме нашите милитантни групи да ги запрат активностите против окупацијата на Израелците надвор од појасот на Газа“ – рече синиоќа во Газа водачот на Хамас Махмуд ал-Сахар. Решението било донесено поради загриженост за палестинското население. Но, и покрај тоа, повторно беа извршени такви напади.

Истовремено и израелското воено воздухопловство во текот на изминатата ноќ повторно изврши борбени летови во појасот на Газа. Синоќа Израелците со напад од воздух таму убија еден водечки член на радикалната организација Исламски џихад, која – за разлика од Хамас – го откажа примирјето.

Ескалацијата започна по мистериозна експлозија во петокот за време на една манифестација на Хамас, при што загинаа 16-мина Палестинци. Иако и раководството на Палестинците, како и израелската армија оценија дека Хамас е одговорен за експлозијата, до која дошло во несреќен случај, радикални Палестинци вината му ја префрлија на Израел и истрелаа десетици мали ракети Касам врз израелскиот град Сдерот, при што беа ранети петмина Израелци. На ова уследи одмаздничката акција на армијата.

Средбата меѓу претседателот на Палестинците Махмуд Абас и израелскиот премиер Ариел Шарон, предвидена за наредната недела, по ваквиот развој на настаните е откажана.

Меѓусебни обвинувања

Портпаролот на израелското министерство за надворешни работи Марк Регев искажа стравување дека повлекувањето од појасот на Газа може да се покаже како грешка: „Мислам дека се реални стравувањата оти нашето повлекување од Газа, што беше историски потег, денес изгледа проблематично. Ние со повлекувањето го направивме суштинскиот чекор напред во напорите за реструктуирање на односите меѓу Израелците и Палестинците, за градење основа за подобра иднина, за враќање кон политичкиот процес во согласност со Мапата на мирот. Но, има групи како Хамас и Исламски џихад, кои не се заинтересирани за мир, обнова, прекин на огнот. Тие само сакаат тероризам, џихад и повеќе насилство“, рече Регев.

Палестинскиот премиер Ахмед Кореи му префрли на Израел дека сака да ги уништи сите напори за враќање кон мировниот процес:

„Израелската ескалација на насилство на Западниот брег и особено во Газа навистина е работа што не можеме да ја сфатиме. Израелците сакаат да го убијат секој обид за заживување на мировниот процес“.

Зоран Јордановски