Милионери насекаде!
Може да се стане милионер и на бината, на филмското платно, на спортскиот терен. Магазинот „Форбс“ неодамна го објави актуелното рангирање на проминентните личности со највисока заработувачка.
Прво место: Тејлор Свифт (170 милиони долари)
Со само 26 години поп-дивата го урна рекордот на северноамериканската турнеја на Ролинг Стоунс. Со нејзината „1989 Светска турнеја“ минатата година таа само на овој континент заработи 200 милиони долари. Така таа ја претекна својата конкурентка Кети Пери, која лани касираше преку 135 милиони долари.
Второ место: Уан Дирекшн (110 милиони долари)
Британската поп-група е најбогатата машка група на сите времиња и со својата турнеја „Повторно на пат“ заработи 200 милиони долари. А момците се екстремно продуктивни,: во последните пет години тие издадоа пет албуми.
Четврто место: Кристијано Роналдо (88 милиони долари)
Новопечениот фудбалски европски шампион Кристијано Роналдо е најдобро пласираниот спортист на листата. Со преку 200 милиони фанови на социјалните мрежи тој освен тоа е и најпознатиот спортист. Меѓу другите, негов спонзор е и производителот на спортска опрема, Најк.
Шесто место: Кевин Харт (87,5 милиони долари)
Комедијантот Кевин Харт лани наполни преку 100 стадиони, во просек тој со своето шоу заработуваше преку еден милион долари од настап.
Осмо место: Лионел Меси (81,5 милиони долари)
Чесно заработени пари? Не би се рекло. Фудбалската ѕвезда неодамна стигна во медиумските наслови откако шпанскиот суд го прогласи за виновен поради затајување данок. Аргентинецот доби условна затворска казна од 21 месец, што значи нема да оди зад решетки. Освен тоа, тој вложи жалба на пресудата. Со своите милиони тој и онака живее опуштено.
Деветто место: Адел (80,5 милиони долари)
Пејачката Адел е единствената на целата листа која преку половина од својот приход го има заработено со својата музика. Нејзиниот албум „25“ само во првите недели по излегувањето се продаде во 3,4 милиони примероци, вкупно досега 17,4 милиони примероци.
12-то место: Мадона (76,5 милиони долари)
Таа е најстарата музичарка на ранг-листата, но и со 57 години покажува најдобра форма, па и во заработувачката. На 25-то место е 74-годишниот Пол МекКартни како најстар музичар. Неговата заработувачка - 56,5 милиони долари.
20-то место: Дејвид Коперфилд (64 милиони долари)
59-годишниот магионичар освен со многуте милиони долари може да се пофали и со најголемата светска колекција на магионичарски артефакти, како и со 11 приватни острова во Карибите. Очигледно, тој добро знае како да направи пари.
Првопласирана двојка: Бијонсе и Џеј Зи (107,5 милиони долари)
Пејачката Бијонсе со право го носи своето сценско име „Квин Б“. Заедно со својот маж Џеј Зи тие се најдобро платената брачна двојка во светот. Лани тие заедно касирале 107,5 милиони долари.