1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добрата волја да се поттикне со пари

Барбара Везел
28 јуни 2018

Во моментов во ЕУ, според статистичките податоци, нема бегалска криза. Бројот на нови бегалци во однос на 2017 година опадна за над 50 отсто. Меѓутоа, ЕУ реагира под притисок на популистичките партии.

https://p.dw.com/p/30O71
Libyen Migranten auf dem Mittelmeer
Фотографија: picture alliance/AP Photo/O. Calvo

За континент со половина милијарда граѓани, бројот на новодојдени бегалци не би требало да претставува проблем: до јуни годинава имено дојдени се 33 илјади луѓе, двојно помалку од 2017 година.

Во споредба со бројот на население, најоптоварена е Грција. Најголем дел од мигрантите во меѓувреме доаѓа во Шпанија, а по неа следи Италија. Во речиси сите земји-членки на ЕУ, важна улога имаат десничарските популисти кои формираат влади или се дел од владините коалиции, што е причина за зголемениот страв од странците.

ЕУ ја остави Италија на цедило

Италија уште од времето на владата на Силвио Берлускони се жали на Даблинскиот систем и надлежностите за мигрантите кои доаѓаат преку Средоземното море. Владата во Рим во моментов на проблемот му пристапува на прагматичен начин. Не ги регистрира мигрантите и ги остава да преживуваат во италијанската сива економија или да се селат натаму на север.

Italien - Innenminister Matteo Salvini
Матео Салвини, министер за внатрешни работи на ИталијаФотографија: Reuters/S. Rellandini

Дури кога во 2014 година бројот на мигранти во ЕУ започна да се зголемува и една година подоцна се искачи на повеќе од 1,2 милиона, Унијата почна да инсистира на придржување кон правилата: владата на тогашниот италијански премиер Матео Ренци почна да ги регистрира мигрантите во италијанските пристаништа. Истовремено не помина ниту еден самит на ЕУ, на кој Италија не бараше помош и не се молеше за распределба на мигрантите и во останатите членки на Унијата. Реакцијата секогаш беше  спуштање на рамената.

Повеќе:

-Европа зад ѕидини - ќе успееме!

-„Европа не смее да се распадне поради бегалците“

-Европа нема решение на повидок за азилантите

Дури на почетокот на 2017 година Италија ги зема работите во свои раце и склучи договор со либиските милиции кои добија пари и оружје за да ги задржат бегалците на сопствениот брег. Европската унија започна да ја обучува либиската крајбрежна стража и да плаќа за враќањето на гумените чамци со бегалци во пристаништата од кои тргнале. Меѓутоа, често милициите кои добиваат поддршка и криумчарите на луѓе потекнуваа од исти кланови. Нивните бизниси цутеа и не им беше во интерес во целост да ги прекинат миграциите.

Подбуцнувачите сега седат во Рим

По јунските избори и победата на две популистички партии, главниот збор во Италија го води министерот за внатрешни работи Матео Салвини. Тој на социјалните мрежи секојдневно објавува негативни коментари на сметка на мигрантите и нивните помагачи. Исто така, тој нареди затворање на италијанските пристаништа за спасувачките бродови на невладините организации. Меѓутоа, за време на неодамнешната посета на Либија не му се исполни желбата за формирање на бегалски кампови во оваа земја. Заменикот премиер на владата во Триполи тоа решително го отфрли и препорача да се разговара со транзитните земји на југ, со Нигер или Чад. 

Виктор Орбан: татко на антибегалската реторика

Унгарскиот премиер Виктор Орбан е првата личност во ЕУ, која покажа дека со ширењето страв и демагогија може да се создаде омраза кон мигрантите и тоа во земја која во суштина не е доселеничка. Во минатата година во Унгарија дошле 3400 мигранти. Најголема хајка во прв ред  се води против муслиманските мигранти, кои Орбан ги обвинува за пропаст на христијанската традиција на Европа. Тој предизборната кампања исклучиво ја засноваше на темата миграции. За таа цел тој ја измисли бајката за „Заговорот на Сорос“, соред која американскиот милијардер Џорџ Сорос, родум од Унгарија, следи план за криумчарење на мигранти во сопствената татковина.

Serbien Migranten in Belgrad
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Во меѓувреме Орбан промовираше закон, според кој помагањето на бегалците е кривично дело. Омразата кон мигрантите ја користи за да ги елиминира остатоците од либералната демократија во својата земја. Меѓутоа, Унгарија останува една од земјите која користи најмногу средства од ЕУ, со кои пак од друга страна се финансираат јавните издатоци.

Оска на волните

Германската канцеларка Ангела Меркел знае дека напредок кај темата миграција може да постигне само со помош на дел од членките на ЕУ. Во меѓувреме, меѓу нив спаѓаат и големи земји како што се Франција и Шпанија. Правилата во ЕУ дозволуваат таков вид „зајакната соработка“. Договорот меѓу овие земји доволно е силен за да се продаде како европско решение.

Во секој случај би требало да се договори подобро обезбедување на надворешните граници на ЕУ. Меѓутоа, влезна врата во ЕУ се поморските патишта, при што западната рута, преку Средоземјето, од Северна Африка кон Шпанија, годинава сѐ повеќе се користи. Во Средоземјето се потребни повеќе бродови од земјите членки на ЕУ како засилување на постоечките патроли.

Истовремено на маса е и предлогот на Европската комисија, според кој би требало да бидат одредени 10 сигурни пристаништа во кои ќе бидат сместени мигрантите во прифатни центри од затворен тип.

За Германија е Италија важна како земја на потекло на т.н. секундарна миграција. Во моментов не е сигурно дали Рим е подготвен да го заклучи договорот со Ангела Меркел. Популистичките влади канцеларката ја сметаат за главен непријател на Европа.

Една од целите кои можат да се постигнат се понатамошните договори со земјите од северна и Супсахарска Африка. Канцеларката во неделата во Брисел особено го истакна договорот со Турција за кој рече дека може да биде модел и за други договори за кои ЕУ сака да обезбеди и до 6 милијарди евра. Шпанија веќе има такви договори со Мароко, Сенегал и со Мавретанија, така што е спречен транзитот од Супсахарска Африка.