1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓу 7 и 15 илјади руски војници досега загинале во Украина

БГ /АП
23 март 2022

НАТО проценува дека илјадници руски војници загинале во изминатите четири недели од војната во Украина. Кремљ инсистира дека операцијата се одвива според планот.

https://p.dw.com/p/48x3z
Donezk Russland Ukraine Krieg Panzer und Soldaten
Фотографија: Sergei Bobylev/TASS/dpa/picture alliance

Меѓу 7 и 15 илјади руски војници загинале досега на фронтовите во Украина, а најмалку уште трипати повеќе се сметаат за ранети, исчезнати или заробени, тврдат високи функционери на НАТО.

За споредба, во 10-годишната војна во Авганистан, загинаа околу 15.000 руски војници.

Висок функционер на НАТО вели дека проценката е направена врз основа на податоци од украински претставници, од она што, случајно или намерно, го објави Русија, како и од разузнавачки податоци од отворени извори. Функционерот зборуваше анонимно согласно стандардите на НАТО. 

Колку ќе му помогнат сиријските борци на Путин во Украина?

Четири недели откако започна воената агресија на Русија, нејзините трупи се забавени или целосно запрени од страна на украинските сили кои, опремени со вооружување од Западот, се потпираат на герилска тактика. Во последните недели Москва ја смени стратегијата па почна засилено да бомбардира градови и села од голема дистанца- стратегија која беше користена во Чеченија и Сирија. 

И покрај состојбата на теренот, портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков инсистира дека воената операција се одвива „стриктно според планот“. 

Децата жртви на руската агресија

Последните податоци за украински воени загуби дојдоа од претседателот Володимир Зеленски на 12 март кога тој зборуваше за 1.300 загинати војници.

Москва се обидува да го дигне моралот 

НАТО претставник тврди дека меѓу 30 и 40 илјади руски војници досега се убиени или ранети во војната.

Русија објавува многу малку информации за жртвите на нејзина страна. Последен пат тоа го стори на 2 март кога Москва соопшти дека дотогаш загинале нешто помалку од 500 војници, а 1.600 се ранети.

Украина тврди дека досега се убиени шест руски генерали. Русија досега ја потврди смртта само на еден. 

Руските тенкови во кал „до гуша“- дали Распутица го менува текот на војната во Украина?

Проценките од НАТО се први јавно соопштени од почетокот на војната. САД досега одбиваа да даваат проценки за бројот на жртви во конфликтот, објаснувајќи дека достапните информации не се доволни. 

Во обид да го подигне моралот на своите војници, Русија во средата донесе закон со кој војниците во Украина ќе ги добијат истите поволности како и ветераните од претходните војни, како ослободување од данок, попусти и бесплатен пристап до медицинска помош. 

Западни извори тврдат дека руските сили се соочени со сериозен недостаток на храна, гориво и опрема, а голем број војници страдаат од смрзнатини. Сепак, воените експерти порачуваат дека Украина не треба да биде премногу самоуверена на долг рок, потсетувајќи дека тактиката на Кремљ во минатите војни била да го крши отпорот со уништување градови, убиство на голем број цивили и предизвикување милиони бегалци.