1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓународно признавање на обединетата сириска опозиција

СН/БГ/дпа/афп/миа13 ноември 2012

Арапската лига и државите од Персискиот залив соопштија дека ја признаваат новоформираната коалиција на сириската опозиција. Претходно и САД и Франција ја поддржаа обединетата сириска опозиција.

https://p.dw.com/p/16hd6
Фотографија: Reuters

По нивната средба во Каиро министрите за надворешни на Арапската лига соопштија дека „Националната коалиција на сириските револуционерни и опозициски сили“ во иднина ќе биде ако легитимен претставник на сирискиот народ и главен партнер за разговори на арапските држави. Истотака и шесте членки на Советот за соработка на државите од Персискиот залив му изразија поддршка на опозицискиот блок. Во неделата претставници на различните сириски опозициски движења формираа нова алијанса. За претседател на „националната коалиција“ е избран имамот од Дамаск, Ахмед Муас ал Катиб. Претходно и САД и Франција ја поддржаа обединетата сириска опозиција.

„Ја поддржуваме Сириската национална коалиција, која го отвара патот кон ставањето крај на крвавиот режим на Асад, кон мирна, праведна и демократска иднина, каква што заслужува целиот народ на Сирија“, изјави заменик-портпаролот на Стејт департментот Марк Тонер.

Тој дополни дека САД ќе соработуваат со Националната коалиција со цел, како што рече, американската мирна и хуманитарна помош да одговори на потребите на сирискиот народ.

Франција исто така и изрази поддршка на новоформираната Сириска национална коалиција.

„Франција целосно ја поддржува Сириската национална коалиција, која треба да стане достојна алтернатива на режимот на Башар ал Асад“, изјави францускиот министер за надворешни работи Лоран Фабиос.

Тој истакна дека Франција посакува оваа коалиција што е можно поскоро да добие поддршка од Сиријците, како и од меѓународната заедница.