Меѓународната заедница повикува на смиреност во Македонија
18 април 2012Шефовите на мисиите на Европската унија, НАТО, ОБСЕ и на САД во Македонија денеска заеднички го осудија убиството што се случи во близина на село Смиљковци и изразија сочувство до семејствата на жртвите.
„Знаеме дека властите го испитуваат овој криминален акт и го бараат сторителот или сторителите. Ние ги поддржуваме напорите на Владата во спроведување истрагата и правните процедури во најбрз можен рок и ја охрабруваме соработката на јавноста при собирањето на сите достапни информации за овие убиства, стои во заедничката писмена изјава.
Европската унија, НАТО, ОБСЕ и САД ги повикуваат сите граѓани да останат смирени, да се воздржат од шпекулации или неосновани тврдења, како и да покажат трпение во врска со спроведувањето на истражниот процес.
„Кога граѓаните се вклучуваат во насилство или се обидуваат да го земат законот во свои раце, тоа само ја оддалечува полицијата од истрагата и го отежнува пронаоѓањето на убијците и нивното соочување со правдата, се подвлекува во заедничката изјава.