1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Металург против Барселона, Хамбург, Киелце или Веспрем

Б. Георгиевски/дв/миа25 март 2013

Ракометарите на Металург се на чекор до пласман на „Фајнал фор“ турнирот во Келн. Наумче Мојсоски посакува да биде избегната Барселона.

https://p.dw.com/p/183bP
Фотографија: Makfax

Со одигрувањето на реванш дуелите од осминафиналето, познати се осумте екипи кои изборија пласман во четвртфиналната фаза од Лигата на шампионите во ракомет.

Како последен се пласира европскиот ракометен првак Кил, кој заедно со Металург, Атлетико Мадрид на македонскиот капитен Кирил Лазаров и со Флензбург се наоѓаат во иста група.

Екипите од оваа група ќе бидат домаќини во првиот натпревар, а нивни потенцијални ривали се носителите, односно првопласираните од групите: Хамбург, Барселона, Киелце и Веспрем.

Извлекувањето на двојките ќе се одржи утре во Виена со почеток во 11 часот. Овојпат ќе нема никакви ограничувања, што значи дека може да играат меѓусебе екипи од иста држава, како и екипи кои биле во иста група.

Ракометарите на Металург сега се на чекор до пласман на „Фајнал фор“ турнирот кој веќе традиционално се игра во германскиот Келн. Најдобриот играч на македонскиот првак, Наумче Мојсоски викендов во разговор за ДВ изјави дека единствениот противник кој сакаат да го избегнат е шпанскиот првак Барселона.

„Учество на завршниот ’фајнал-фор’ во Келн е големата желба на секој од нас. Се надевам, жрепката нема да биде немилосрдна кон нас и дека нема да ни ја додели Барселона како следен противник. Со секоја друга екипа можеме успешно да се надигруваме во четвртфиналето. Верувам во добра среќа, се надевам на подвиг. Пред само неколку месеци патот во Келн беше една голема илузија во нашите мисли, а сега сме само на чекор од него“, изјави Мојсоски.