1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Месиќ: Ни Милошевиќ не можеше да ги смени границите

Аурелиуз Педзивол
18 септември 2019

Поранешниот хрватски и последен претседател на претседателството на СФРЈ, Стипе Месиќ во интервју за ДВ вели дека е убеден оти сите земји од регионот ќе станат дел од ЕУ и НАТО.

https://p.dw.com/p/3PlQK
Stjepan Mesi auf dem Wirtschaftsforum in Krynica
Фотографија: DW/A. M. Pedziwol

ДВ: Господине претседателе, помина речиси четврт век од првите војни на просторите на поранешна Југославија. Хрватска и Словенија денес се членки на ЕУ, а другите земји се кандидати. Може ли да се каже дека Балканот се стабилизираше и дека нема закани од некоја нова експлозија?
Стипе Месиќ: Јас сметам дека не е во таква фаза за да се очекува некаква експлозија. Бидејќи ова искуство од војната кое ние го имавме е поука за сите дека војната не се исплаќа. Меѓутоа има некои нерешени прашања кои треба политички да се решаваат. На пример, го имаме во Република Српска Милорад Додик кој не ја признава БиХ. Тој беше одреден период на чело на Претседателството на БиХ, а не ја признава БиХ. Но, тој проблем не може да се реши во Сараево. Тој проблем може да се реши во Белград и во Загреб. Додека јас бев претседател им рековме на БХ Хрватите: вашата татковина е Босна и Херцеговина, вашиот главен град е Сараево, креирајте ја својата политика заедно со другите два народи. Во Белград добиваме порака дека тие ја почитуваат и прифаќаат БиХ. Официјален Белград тврди дека тие ја почитуваат единствена БиХ, а во исто време ја поддржуваат политиката на Милорад Додик, кој не ја признава БиХ и кој всушност ја персонифицира Република Српска во БиХ.

ДВ: Значи ли тоа дека БиХ е најважниот проблем на Западниот Балкан?
Не е најважен, но е еден од проблемите кој мора да се реши. Мораме да тргнеме од тоа дека архитектурата на европските граници е завршена.

ДВ: Значи ли тоа дека границите на Балканот се неприкосновени?
Точно. Единствениот излез е влез во ЕУ и сите да ги отвориме границите.

ДВ: Дали тоа важи и за границата меѓу Србија и Косово?
Апсолутно. Сите војни во Европа започнаа поради граници, а сите агресори лажеа и зборуваа дека всушност го бранат своето национално малцинство во другата земја. Но, тие освојуваа туѓа територија. Тие едноставно мамеа. И сега се појавува Европската унија со својот милениумски потфат кој гласи: Ќе ги отвориме своите граници. Границите пречеа еден народ да живее во својот севкупен културен корпус, бидејќи националните малцинства беа од другата страна на границата. А во ЕУ народите ќе можат да живеат во својот севкупен културен корпус. Значи, границите нема да бидат пречка. Тоа значи дека таква Европа ја исклучува војната како политичко средство.

ДВ: Немаше ли такви граници, како во денешна ЕУ, меѓу републиките на поранешна Југославија?
Да. Јас бев последниот претседател на Претседателството на Југославија. Мојот предлог беше, доколку никој не е задоволен со Федерацијата, да направиме нов договор. Тоа значи, најпрво републиките да ја прогласат својата самостојност и потоа да потпишеме конфедерален договор на три до пет години. Доколку оди работата- го продолжуваме конфедералниот договор, а како самостојни држави секоја за себе го продолжуваме патот кон Европа- без војни, без разорувања, без мртви. Но, главен виновник е Слободан Милошевиќ. Тој едноставно сакаше чиста Голема Србија. И затоа започна со етничко чистење на несрпското население. Но, границите меѓу републиките и покраините не се сменети ниту за милиметар. Значи, ако Милошевиќ со својата моќна армија не можеше да ги смени границите, нив никој не може да ги смени ни сега.

ДВ: Дали влезот на земјите од поранешна Југославија во НАТО и ЕУ ќе го осигура мирот?
Да, тоа секако ќе биде вовед во мир на нашите простори.

ДВ: Ќе се случи ли тоа навистина?
Јас сум сигурен во тоа.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема