1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мерки за полесно протерување од Германија

Рајнхард Клебер
22 февруари 2017

И покрај протестите на борците за човекови права и забелешките на опозицијата, германската влада го донесе пакетот мерки за полесно протерување од земјата.

https://p.dw.com/p/2Y3ms
Deutschland Abschiebung von Ausländern am Flughafen Berlin-Schönefeld
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Hirschberger

Одбиените баратели на азил во иднина би требало да бидат протерувани од Германија побрзо и поконсеквентно, одлучи владата во Берлин. Меѓу мерките кои би требало да го забрзаат и олеснат протерувањето е продолжување на времетраењето на притворот пред протерување на десет дена, со што би требало да се оневозможи избегнување на протерувањето од страна на одбиените баратели на азил. Исто така, предвидено е и проширување на ваквиот притвор за лицата кои важат за т.н. загрозувачи. Освен тоа, според предлог законот на владата, на странците кои би требало да бидат протерани може да им се стави и електронска алка на ногата за да бидат под постојан надзор.

„Законот за подобро спроведување на обврската за напуштање на земјата“ исто така предвидува во иднина Сојузната служба за миграција и бегалци (БАМФ) да смее да пребарува во мобилните телефони на барателите на азил за да го утврди нивниот идентитет. Бегалците кои треба да се вратат во татковините би требало по можност да тргнуваат на пат од центрите за прифаќање бегалци. Групните протерувања, пак, би требало да бидат олеснети со заеднички „Центар за поддршка на враќањето“ на сојузот и покраините.

Де Мезие го брани предлог законот

Сојузниот министер за внатрешни работи Томас де Мезие изјави дека токму со оглед на тоа што се очекува да бидат одбиени голем број барања за азил, важно е да се спроведе обврската за напуштање на земјата. Бегалската политика на германската влада има две страни: интеграција на лицата на кои им е неопходна заштита и неопходност од напуштање на земјата од страна на лицата чии барања за азил се одбиени, потенцира министерот.

Сојузот и покраините за овие мерки согласност постигнаа на 9 февруари, на средба во кабинетот на канцеларката Меркел. Според наводи на БАМФ, состојбата од 31 декември 2016 година покажува дека Германија би морало да ја напуштат 207.000 лица.

Deutschland Abschiebungen abgelehnter Asylbewerber
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Willnow

Хуманитарните организации се против

Хуманитарните организации ги критикуваат плановите на владата. Околу 20 организации побараа првенствено предвид да биде земена барем состојбата на погодените деца и да се одлучува во нивна полза. Потписници на изјавата, меѓу другото, се и организации како Про Азил, УНИЦЕФ Германија и Германската работна заедница на психосоцијални центри за бегалци и жртви на измачување. Предлог законот со мерките за полесно протерување би требало да биде донесен од страна на парламентот веќе на средината од март.