1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел ќе стори сѐ за датум за преговори

ЕМФ
21 јуни 2019

Германската канцеларка Ангела Меркел на прес-конференцијата по самитот на ЕУ во Брисел се заложи за одредување датум за почеток на преговори со Северна Македонија во октомври.

https://p.dw.com/p/3KqLy
Brüssel Merkel: EU-Klimabeschlüsse besser als erwartet
Фотографија: Reuters/P. van de Wouw

„Ќе сторам сѐ што зависи од мене за во октомври да има позитивна одлука“, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел во врска со одлуката за датум за почеток на преговори на Северна Македонија со Европската унија.

На прес-конференцијата по самитот на ЕУ во Брисел, Меркел одговараше на прашањето на дописничката на МИА од Брисел - дали може да гарантира датум за преговори, откако одлуката беше одложена до октомври и притоа потенцираше дека Северна Македонија сторила извонредно многу за ставање крај на спорот за името со Грција. „Вчера дискутиравме. Се работи за одлагање од неколку недели, но нашата обврска во тој дел стои. Што се однесува до мене, за тоа ќе се заложам со сета своја политичка тежина“, изјави германската канцеларка.

Повеќе:

ЕУ земјите подготвени да ја прифатат само Северна Македонија

ЕУ ги остави Северна Македонија и Албанија во чекалница

Заев: Членство во ЕУ меѓу 2025 и 2030 година?!

Ангела Меркел пред една недела во Берлин имаше средба со македонскиот премиер Зоран Заев, по што тој изјави дека е многу охрабрен од разговорите, а од кабинетот на германската канцеларка беше издадено соопштение во кое беше поздравен напредокот на земјата и беше оценето дека е подобрена нејзината позиција за приближување кон ЕУ.