Меркел и Саркози на консултации пред самитот на ЕУ
3 јануари 2012Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози ќе се состанат во Берлин на 9-ти јануари со цел да ги разгледаат мерките за заострување на буџетската дисциплина во Европската унија.
Лидерите на најголемите економии во еврозоната сакаат да го конкретизираат планот зацртан на декемврискиот самит на ЕУ, кога земјите од Унијата, освен Велика Британија, се согласија да ја изменат основната спогодба со цел да се придонесе за поголема буџетска интеграција.
Министрите за финансии на ЕУ ќе се состанат на 23-ти јануари, една недела пред самитот на лидерите на 27-те земји членки на Унијата, со цел да донесат прецизно решение за кризата, која претставува закана за заедничката европска валута.
Првиот предлог на новиот фискален договор веќе беше ставен во оптек од дипломатите во Брисел уште пред Божик. Според него, во основа сите 27 членки на ЕУ треба да можат да учествуваат во координацијата на буџетската и финансиската политика во еврозоната. Учесниците меѓутоа се обврзуваат примарниот дефицит во еден конјуктурен циклус да не се зголеми повеќе од 0,5 проценти од бруто внатрешниот производ. Освен тоа, би требало Европскиот суд на правдата да врши проверка на тужбите против одделни држави за прекршување на одредбите за стабилност на еврото.
Договорот за поголема буџетска диспциплина треба да ја врати довербата на инвеститорите во платежната способност на европските земји.
Автор: ЖА/дпа
Редактор: Борис Георгиевски