1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел и Оланд се за санкции против Украина

ЕМФ/дв/дпа19 февруари 2014

Германија и Франција се залагаат за санкции против предизвикувачите на насилството во Украина, соопштија канцеларката Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд денеска во Париз.

https://p.dw.com/p/1BBhc
Фотографија: picture-alliance/dpa

Санкциите мора да ги погодат предизвикувачите на насилството, а не цивилното население, изјави денеска (18.02) во Париз германската канцеларка Ангела Меркел. По средбата на германско-францускиот Министерски совет, францускиот претседател Франсоа Оланд нагласи: „Оние кои се одговорни за овие дела мора да знаат дека во секој случај ќе бидат санкционирани.“

Според Меркел, постапките на украинските безбедносни сили против демонстрантите едноставно „не може да се прифатат“. Затоа, како што рече таа, потребни се санкции, но не санкции кои би го погодиле цивилното население. „Само санкции не се доволно. Мора да го обновиме и политичкиот процес“, потенцираше Меркел во Париз, додавајќи дека треба да се искористат контактите „во насока на Русија“.

И претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо денеска соопшти дека очекува донесување целни мерки на ЕУ-државите против одговорните за прекумерното насилство во Украина. Утре во Брисел кризна средба треба да одржат министрите за надворешни работи на земјите на ЕУ.

Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер заедно со францускиот колега Лорен Фабиус утре изутрина, пред да биде одржана средбата на шефовите на дипломатии на ЕУ, треба да отпатува во Киев. Според она што го кажа Фабиус во Париз, тие двајцата ќе го придружуваат полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски кој веќе денеска отпатува за Киев, за да добијат најнови информации за ситуацијата.