1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија сака повторно да води полемика

Инес Пол
24 септември 2017

Денешните избори се пресврт за Германија. Десните популисти првпат влегуваат во Бундестагот, а канцеларката Меркел е „ранета“, оценува Инес Пол.

https://p.dw.com/p/2kctg
Bundestagswahl 2017 | CDU - Anhänger in Berlin
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

Овие избори испраќаат јасна порака: вака веќе не може! И, на овие избори има двајца јасни губитници: СПД и Ангела Меркел. СПД падна на историски најнизок резултат од 20,8% освоени гласови, а ЦДУ, партијата на канцеларката, загуби речиси 8% гласови во споредба со претходните избори. Големо лизгање на земјиштето, што во нормални времиња е причина да се размислува за оставка. Но, овие времиња за германски поими не се нормални. Тоа го покажува не како последно и успехот на АфД, која со 13% освоени гласови влегува во Бундестагот. Со тоа, првпат од основањето на Сојузната република една деснопопулистичка партија успева да влезе во германскиот парламент.

Земјата е променета

Историски прелом. Денешниот изборен ден ја промени земјата. Тоа не е ситница, но не е ниту катастрофа. Тоа е добар предизвик. На крајот - тоа е демократија. Ако се направи споредба во светски рамки, има добри причини да се верува дека Германија ќе излезе на крај и со овој предизвик. И, дека има добро во тоа што во парламентот повторно ќе има полемика за најдобрите аргументи и во тоа што нема да владее надмоќна канцеларка поради немање опозиција.

Ines Pohl
Инес ПолФотографија: DW/P. Böll

И тоа е една од пораките оваа вечер.

Затоа, пак, од централно значење ќе биде демократските партии да не се тргнат од демократскиот дискурс поради демагошката реторика на АфД. Тие ќе мора да се спротивстават на популистички изобличените привидни решенија и да трагаат по вистински одговори на постоечките проблеми. И, на крајот, ќе мора сериозно да го имаат предвид фактот дека многу луѓе стравуваат дека големиот број бегалци би можеле да ја променат земјата. Германија мора да размисли за својата способност за дебата. Табуизирање на стравовите ги засилува политичките екстреми.

И тоа е порака оваа вечер.

СПД оди во опозиција

Сега, прв предизвик ќе биде составувањето влада. Тоа што СПД веднаш стави јасно до знаење дека оди во опозиција е - разумно. Само така ќе може повторно да се пронајде себеси и да создаде перспектива за иднина. Освен тоа, така ќе може да се спречи АфД да биде водечка опозициска партија во парламентот.

Ангела Меркел во комплицираните преговори за влада влегува прилично „ранета“. Влегува со товар на рамената дека многумина во сопствените редови ја обвинуваат нејзе и нејзината бегалска политика за катастрофалниот резултат на партијата. Од друга страна, пак, целиот свет ги полага надежите во неа, надежите дека и покрај ваквиот резултат ќе остане една од водечките политички глави во западниот свет и дека со нејзе и Германија ќе остане стабилен партнер од доверба на светската сцена. И тоа како отворена, многу демократска земја.

За тоа, не како последно, зборува и германскиот Устав. А, тој важи за сите, па и за АфД. Членот 1 гласи: Достинството на човекот е неповредливо.