Меркел: Германија е силна, но не треба да се преоптоварува
26 јануари 2012На вториот ден од 42-от светски економски форум во Давос, на учесниците ќе им се обратат премиерите на Британија и на Канада, Дејвид Камерон и Стивен Харпер.
Во швајцарското одморалиште треба да биде одржана и дебата за импликациите на „арапската пролет“ како расправа за промените во Африка, на која ќе зборуваат лидерите на Јужна Африка, Етиопија и Танзанија. Годинешниот форум во Давос синоќа го отвори германската канцеларка Ангела Меркел.
Меркел против јакнењето на ЕСМ
Во говорот на отворањето на форумот, таа предупреди од преоптоварување на Германија при санирањето на проблемите од еврозоната. Водечката економија на Европа е силна, меѓутоа не смее да дава ветувања кои не може да ги исполни, рече Меркел.
Имено, германската влада во моментов се наоѓа под растечки притисок да се согласи на значително зголемување на обемот на Европскиот стабилизациски механизам ЕСМ, којшто е договорено да изнесува 500 милијарди евра. Меркел и во Давос го отфрли тоа.
Меркел наведе дека постојат структурни слабости во еврозоната, како и голема нерамнотежа и конкурентност меѓу државите-членки.
„Сведоци сме на сериозен пад на довербата во остатокот од светот. Тие не се сигурни дека ние ќе направиме нешто“, потенцира Меркел.
Сорос: Германија лошо ја менаџира еврокризата
Во разговорот со новинарите на шест европски весници, Меркел во Давос меѓу другото рекла и дека мисли оти е „апсурдно да се ветат пари, доколку нема борба против вистинските причини за кризата“.
Пред официјалното отворање на форумот, познатиот американски инвеститор Џорџ Сорос остро го нападна кризниот менаџмент во еврозоната што го води Германија. Тој го обвини Берлин дека им поставува неостварливи цели на земјите од еврозоната, кои се наоѓаат во должничка криза, и со тоа ги врти против себе. Актуелниот менаџмент на еврокризата создава отпор кај земјите на европската периферија, изјави Сорос.
Автор: Симе Недевски/ АМ/дпа/ртра/миа/мф
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска