1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел во посета на трупите во Авганистан

ЕМФ/дв10 мај 2013

Германската канцеларка ненајавено замина во посета на германските трупи во Авганистан, една недела по загинувањето на германски елитен војник во таа земја.

https://p.dw.com/p/18V6c
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во придружба на канцеларката Ангела Меркел во Авганистан е и министерот за одбрана Томас Де Мезие. Посетата, која беше планирана уште пред да загине припадникот на специјалните сили КСК во провинцијата Баглан, се држеше во тајност поради безбедносни причини. Меркел изјави дека била „погодена“ од веста за смртта на германскиот војник и реагирала со „жал“. На германските безбедносни сили треба да им се заблагодариме за „нивната тешка и опасна мисија во Авганистан“, затоа што со тоа придонесуваат „за нашата безбедност и за стабилен Авганистан“, нагласи Меркел.

Германската канцеларка ќе ја искористи посетата на Авганистан и за политички разговори во Кабул, за на авганистанското раководство да му ја пренесе намерата на германската влада за натамошна поддршка, но истовремено и да побара реформи. Најважна задача, според Меркел, е подготовката на претседателските избори, што треба да се одржат во април 2014 година, како и развој на економијата. „Сето тоа се одвива делумно тешко и делумно побавно од она што ние го посакуваме“, рече таа.

Merkel in Afghanistan
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германија, по САД и Велика Британија, има најголем контингент во трупите ИСАФ во Авганистан, односно 4300 војници. Воената мисија на НАТО треба да заврши на 1 јануари 2015 година. Де Мезие на средината од април најави дека по тој период во Авганистан ќе останат уште 600 до 800 војници, а нивна задача ќе биде обука, советување и поддршка на авганистанските безбедносни сили.