1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел бара лојалност од германските Турци

БГ/дпа23 август 2016

Германската канцеларка очекува лојалност од граѓаните со турско потекло, а за возврат ветува дека ќе се посвети на нивните проблеми. Односите меѓу двете земји се влошуваат во последните месеци.

https://p.dw.com/p/1JnSe
Angela Merkel Türkei Reaktion EU
Фотографија: picture-alliance/dpa/W.Kumm

Германските граѓани со турско потекло треба да бидат лојални кон земјата во која престојуваат, изјави германската канцеларка Ангела Меркел.
„Очекуваме од луѓето со турско потекло кои живеат во Германија подолго време да развијат високо ниво на лојалност кон нашата земја“, рече Меркел за весникот „Рур нахрихтен“.

Во замена за лојалноста од германските Турци, Меркел вети дека нејзината влада „ќе покаже разбирање за нивните потреби и ќе се потруди да ги сфати. Веќе сме во контакт со мигрантски организации за таа цел“, рече Меркел.

Германија е дом на околу 3 милиони граѓани со турско потекло. Меркел бара од приврзениците на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во земјата да останат мирни. „Секој во Германија има право на мислење и на протест, но сите луѓе исто така треба мирно да го изразуваат своето право на слободно мислење“.

Германско-турските односи се влошуваат последните месеци по спорот околу миграцијата, одлуката на Берлин да го признае геноцидот врз етничките Ерменци од пред еден век, и чистката на Анкара во државните институции по неуспешниот пуч.

На почетокот август годинава, турскиот претседател Ердоган со судска одлука беше спречен да им се обрати на околу 40 илјади свои приврзаници кои демонстрираа во Келн, што предизвика дополнителен судир меѓу двете земји.